На сцената во Долни Сарај, завчеравечер, главни актери беа младите музичари од регионот, обединети во Младинскиот оркестар на Западен Балкан. Вкупно 75 врвни инструменталисти членови на оркестарот, под диригентската палка на маестро Десар Сулејмани, музицираа со фантастична мотивираност, ослободувајќи моќна творечка енергија која допре до публиката.

– Голема е честа за целиот оркестар да се биде овде. Сакав да го донесам на „Охридско лето“ и успеавме во тоа. Имавме спектакуларна програма почнувајќи  од  Увертирата кон операта „Танхојзен“ од Рихард Вагнер, преку познатата симфониска поема „Помошникот на волшебникот“ од Пол Дука, едно наградено дело од млад композитор од Западен Балкан, до „Романска рапсодија бр. 1 оп. 11 од Жорж Енеску, а концертот го завршивме со композицијата „Римски борови“ од Оторино Респиги, изјави албанско-германскиот диригент и пијанист, Десар Сулејмани.

Младинскиот оркестар на Западен Балкан е основан врз база на едноставно, но моќно уверување дека музиката успева да ги зближи луѓето онаму каде честопати зборовите и политичарите не успеваат. Во регион кој сè уште ги лекува раните по распадот на поранешна Југославија, овој оркестар создава уникатен простор за креација на младите музичари од различни земји и култури, помагајќи им да ги надминат разликите и да се сплотат во заедничка уметничка креација.

 

ИЗДВОЕНИ