Мешаниот хор при КУД „Стив Наумов“ од Битола, под диригентска палка на проф. Лилјана Трајковска-Димевски, ќе гостува во Хрватска, каде што ќе одржи два концерти: во катедралата „Св. Михаил“ во Дубровник и во Домот на култура во Груда, Kонавле. Гостувањето е во организација на Хрватскиот културен центар „Марко Марулиќ“ од Битола, во соработка со домаќините Хорот „Конавле“, Република Хрватска.
Мешаниот хор на КУД „Стив Наумов“ во својот репертоар негува богата ризница на хорски композиции од различни епохи и стилови. Особено место има духовната хорска музика, но застапени се и дела од македонскиот фолклор обработени за четиригласен хор, како и современи хорски композиции.
Посебен момент од втората вечер од гостувањето во Хрватска, ќе биде заедничката изведба на хорот „Стив Наумов“ и хорот „Конавле“ на композиција од „Конавската венчавка“, која хористите ќе ја вежбаат на работилницата „Ајде да танцуваме, ајде да пееме“. Програмата е реализирана со поддршка на Општина Битола, Општина Конавле, Туристичката заедница на Конавле и Градот Дубровник.












