ЦК „Марко Цепенков“ од 18 до 25 август ќе ја реализира 18 -та ликовна колонија „Марко Цепенков – Дрен 2026“. На колонијата годинава ќе творат Дамјан Ѓуров, Никола Пијанманов, Марјан Стојаноски, Слободан Милошески, Озбек Ајваз, Славчо Павлески и Емил Солески, кои ќе работат монументални скулптури за во јавен простор. Колонијата е дел од годишната програма на Центарот за култура „Марко Цепенков“ за 2026 година во визуелни дејности поддржана од Министерството за култура и туризам.
Со особено задоволство информираме дека 18-та ликовна колонија „Марко Цепенков – Дрен 2026“ годинава за првпат ја поддржува и Општина Прилеп.
Колонијата годинава става посебен акцент на монументалната скулптура и нејзината улога во јавниот простор.
„Колонијата е значајна средба на уметници, идеи и современи скулпторски изрази, со една јасна цел, уметноста да излезе од галерискиот простор и да стане дел од секојдневниот живот на заедницата. Создавањето монументални скулптури отвора можност за трајни уметнички интервенции кои го збогатуваат просторот, го градат неговиот идентитет и стануваат дел од колективното сеќавање. Преку непосредната работа и размената на идеи, уметниците го истражуваат односот меѓу материјалот, формата, просторот и времето. Особено ни значи што Ликовната колонија „Марко Цепенков“ е добитник на наградата „3-ти Ноември“ на Општина Прилеп, признание кое го потврдува нејзиното значење и долгогодишниот придонес кон културниот и уметничкиот живот на градот. Локалната самоуправа на Општина Прилеп, предводена од градоначалникот Дејан Проданоски, останува посветена на поддршката на културата, современото уметничко творештво и создавањето дела кои оставаат траен белег во јавниот простор. Благодарност и до Министерството за култура и туризам за континуираната поддршка на колонијата во изминатите 18 години и за препознавањето на нејзината вредност за развојот на современото ликовно творештво. Со 18-тото издание на „Марко Цепенков – Дрен 2026“, продолжуваме да градиме мост меѓу уметниците, граѓаните и јавниот простор, создавајќи културна вредност која ќе остане и по завршувањето на манифестацијата. Прилеп создава, поддржува и остава трага. Уметноста е дел од нашиот простор, нашиот идентитет и нашето културно наследство – вели Марјан Стојаноски, координатор на колонијата.












