Словенечката кошаркарска репрезентација се соочи со неочекуван проблем пред клучните квалификациски натпревари за Светското првенство во 2027 година. Само два дена пред дуелот со Финска, Александар Секулиќ повеќе нема да ја извршува функцијата селектор откако Барселона му забрани да работи истовремено во клубот и во националниот тим.

Секулиќ ја предводеше Барселона на дуелот со Фенербахче, по што ја известил словенечката Федерација дека нема да може да им се приклучи на репрезентативните подготовки.

Како привремено решение, на селекторската позиција е назначен Домен Зевник, кој ќе ја води Словенија до крајот на квалификациите. Тој ќе дебитира против Финска.

Ова е втор сериозен проблем за Словенците во овој репрезентативен прозорец откако Басконија не му дозволи на младиот Стефан Јоксимовиќ да настапи за националниот тим.

Случајот беше критикуван и од спортскиот директор Саша Дончиќ, кој порача дека ова е срам за европската кошарка и дека клубовите треба да се угледаат на фудбалот, каде што паузираат првенствата во текот на репрезентативните термини.

ИЗДВОЕНИ