понеделник, ноември 23, 2026
Дома СКОПСКА Мртви кучиња пронајдени на јавен простор во Бутел

Мртви кучиња пронајдени на јавен простор во Бутел

1

Повеќе кучиња, кои изгледаат како да се од исто легло, биле пронајдени мртви, едно покрај друго, на отворен јавен простор во населбата Бутел.

Од Здружението за заштита на животните, „Анима мунди“, велат дека според информациите со кои располагаат, животните се отруени.

– Крајно е необично и загрижувачки што сите се пронајдени на истото место. Дали биле отруени таму? Дали некој ги донел и ги оставил едно покрај друго? Имаат ли сопственик, зошто личат како загари од исто легло? Што точно се случило? – прашуваат од Здружението.

Притоа бараат од МВР и од Агенцијата за храна и ветеринарство итно да излезат на терен во Бутел, да извршат увид, да обезбедат докази, да ја утврдат причината за смртта и да ги проверат околните безбедносни камери. Потребно е да се утврди и потеклото на животните, како и евентуалниот сторител.

– Ќе се сфати ли конечно дека отровот не убива само кучиња? Тој може да убие и друго животно, но и за пет минути да убие човек, особено дете. Ова е сериозна закана за јавната безбедност, а не само случај на суровост кон животните – нагласуваат од „Анима мунди“.

Тие потсетуваат дека членот 233 од Кривичниот законик предвидува санкции за убивање животни без оправдана причина и нивно мачење, наведувајќи дека бараат итна истрага, институционално постапување и одговорност.

(А.П.)

 

ИЗДВОЕНИ