Четири деца од семејството Бурнс освоија први места во своите возрасни категории на првото Државно првенство на Македонија во забрзан шах за деца и млади, кое на 22 ноември се одржа во мотелот „Мерак“ во Македонска Каменица. На првенството учествуваа околу 120 млади шахисти од повеќе шаховски клубови од државата.
Михаел Бурнс го освои првото место во машка конкуренција до 18 години и титулата севкупен шампион на Македонија во оваа категорија. Елисавета Бурнс беше прва во женска конкуренција до 16 години, Кајла Бурнс го освои првото место во категоријата до 14 години, додека Џошуа Бенџамин Бурнс беше најдобар во машка конкуренција до 10 години и севкупен шампион на Македонија во својата категорија. Михаел и Џошуа Бенџамин настапија за ШК „Капабланка“ од Скопје, додека Елисавета и Кајла беа дел од ШК „Гамбит Асеко“ од Скопје.
Во машка конкуренција, државни прваци во своите возрасни категории станаа и Андреј Божиновски од ШК „Алкалоид“ до 16 години, Даниел Стефановски од ШК „Капабланка“ до 14 години и Јован Вукашиновиќ од ШК „Алкалоид“ до 12 години. Во категоријата до 8 години прв беше Дино Ашковски, самостоен натпреварувач. Во женска конкуренција, титулата до 18 години ја освои Теодора Ѓорѓиеска од ШК „Прилеп“, до 12 години Дина Панова, а до 10 години Христина Спирокоска, двете како самостојни натпреварувачки. Во најмладата категорија до 8 години, прва беше Ева Цоцовска од ШК „64“ од Берово.
Домаќин на првенството беше Шаховскиот клуб „Каменица Саса“, а организатор Шаховската федерација на Македонија.












