Денеска започнаа активностите за уредување на локалитетот Л’џи во Ново Село, како дел од поширок проект за зачувување и афирмација на културно-историското наследство на Штип.
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, кој го најави почетокот на активностите, информираше дека проектот опфаќа уредување на локалитетот Л’џи, како и реконструкција на сместувачките капацитети во бањата „Кежовица“.
Средствата се обезбедени преку прекугранична соработка со Бугарија, со дополнително учество на Општина Штип.
Од Општина Штип најавија дека паралелно, за 2027 година се планирани и реставрација и фасадно уредување на десетина куќи во Ново Село, како и расчистување на речното корито, реставрација и осветлување на мостот кај Л’џи .
– Целта е Ново Село да го зачува својот автентичен изглед и да прерасне во музеј на отворено, привлекувајќи посетители кои ќе го запознаат богатото културно-историско наследство на нашиот град – нагласуваат општинските власти.












