понеделник, ноември 23, 2026
Дома СКОПСКА Повластени паркинг-карти, дигитални решенија и нова хуманитарна зона Н

Повластени паркинг-карти, дигитални решенија и нова хуманитарна зона Н

3

Јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ недостигот на паркинг-места – еден од најважните предизвици со кои се соочуваат жителите го решава со воведување нов модел на распределба на паркинг-просторот, со повластени паркинг-карти по станбена единица, наместо досегашниот модел по жител.

– Со ова се настојува да се воспостави поправедно користење на резидентниот простор и да се спречи гаражните и паркинг-капацитетите да се користат за деловни активности или приватни магацини, додека местата наменети за жителите остануваат зафатени – информираат од ЈП ПОЦ.

Она што според ЈП ПОЦ е особено значајно е што повеќе од две третини од паркиралиштата со кои управуваат остануваат резидентни и им се достапни на жителите без часовна наплата.

– Дополнително, за првото возило по станбена единица во секторот на живеење не се плаќа месечен надоместок. Ова е дел од определбата паркинг-просторот првенствено да ги задоволува потребите на луѓето што живеат во Центар – нагласуваат од претпријатието.

Оттаму додаваат дека за да се спроведуваат правилата, нивната пајак-служба е секојдневно присутна на терен, отстранувајќи ги возилата паркирани спротивно на прописите и оние што го попречуваат нормалното одвивање на сообраќајот, а по соодветен налог на надлежните органи. Нагласуваат дека посебно внимание се посветува на местата наменети за лица со попреченост и на резидентните зони.

– Паралелно со контролата и организацијата на паркирањето, ПОЦ инвестира во дигитални решенија што го поедноставуваат секојдневието на корисниците. Ќе се развиваат нови мобилни апликации за Андроид и за ИОС, имплементиран е систем за автоматско препознавање на регистарските таблички (ANPR), а старите информативни табли се заменети со нови, со современ дизајн и кју-ар кодови за брзо и едноставно плаќање – наведуваат од претпријатието.

Исто така, објаснуваат дека новото решение за наплата овозможува плаќање со платежна картичка преку мобилен телефон, без потреба од испраќање СМС-пораки или претходна регистрација во апликација. – Тоа значи помалку административни чекори и побрза услуга за граѓаните – одлучни се од ЈП ПОЦ, додавајќи дека промените се видливи и на самите паркиралишта, односно оти се поставени нови куќички, реконструирани се постојните, а во тек е проект за поставување електрични полначи и изработка на велопаркинзи.

– Со овие активности, претпријатието го проширува својот придонес кон развојот на алтернативната мобилност и создавање услови за поголема употреба на велосипеди и електрични возила – објаснуваат од ЈП ПОЦ.

Исто така, отворена е и нова, современо уредена канцеларија за грижа за корисници, каде што граѓаните можат на едно место да ги завршат своите обврски и да добијат потребна поддршка, а како што велат од претпријатието, нивните екипи се грижат и за одржување на јавната хигиена преку чистење на јавните површини и акции за расчистување на натрупаниот отпад.

Воедно, во соработка со Општина Центар и Црвен крст – Општинска организација Центар, отворена е хуманитарната зона H пред Градскиот стадион, во секторот „Парк“. Средствата од наплатата на посебно обележаната локација се наменети исклучиво за хуманитарни цели и помош на лица и семејства на кои им е потребна поддршка.

За реализација на развојната програма, ЈП ПОЦ предвидел околу 1,4 милиони евра за капитални вложувања, наменети за подобрување на урбаната и комуналната инфраструктура.

– Значителен дел од планираните активности се веќе во фаза на реализација, особено во областа на дигитализацијата и воведувањето паметни решенија – заклучија од ЈП ПОЦ.

 

 

 

ИЗДВОЕНИ