Јавното претпријатие „Лајка“ информира дека изминатата недела (16 – 22 ноември 2026) граѓаните вдомиле 10 кучиња од претпријатието.
Оттаму велат дека тоа ги прави исклучително задоволни, бидејќи на овој начин се остваруваат две цели за кои, како што нагласуваат, се залагаат – намалување на бездомната популација кучиња на територијата на Град Скопје и развивање на свесноста за придобивките од вдомувањето бездомно куче.
– Во истиот овој период, тимовите на ЈП „Лајка“ во Скопје заловија 40 улични кучиња, од кои најголем број на територијата на општина Гази Баба – 18 – соопштија од претпријатието.
Во последниот период, тимови на „ Лајка“ забележале зголемен број сопственички кучиња на јавни површини, без присуство на сопственикот. Поради тоа, предупредуваат дека секое куче што ќе биде лоцирано на јавна површина, без разлика дали е микрочипирано или не, согласно со нивните надлежности, се заловува.
Апелираат до сите сопственици да ги почитуваат законските прописи и да не ги оставаат своите миленици да се движат слободно на јавни површини без надзор.












