Руската фрегата „Адмирал Григорович“ денес, 16 јуни, забележала јахта под знамето на Велика Британија во Ламанш, која се движела опасно блиску до бродот, по што биле испукани предупредувачки истрели, објави руското Министерство за одбрана.
Во соопштението се наведува дека екипажот на фрегатата неколку пати се обидел да контактира со јахтата, но немало одговор.
Екипажот на фрегатата, додаде, испукал ракети и активирал сирена, но јахтата продолжила да се приближува опасно блиску до бродот.
„Откако растојанието било намалено на 150 метри, командантот на фрегатата одлучил превентивно да пука во насока на курсот на бродот користејќи лесно оружје“, се вели во соопштението.
Руското Министерство за одбрана истакнува дека по предупредувачките истрели, јахтата веднаш го променила курсот и продолжила да се оддалечува од рускиот воен брод.
„Екипажот на фрегатата „Адмирал Григорович“ дејствувал строго почитувајќи ги меѓународните прописи за навигација и презел сите потребни мерки за да го спречи инцидентот“, се додава во соопштението, пренесува „Танјуг“.












