„Кога земјата молчи“ е насловот на авторскиот проект на Весна Димитрова-Бобевски, претстава која својата премиера ќе ја има утре (28 ноември) во 20 ч. на малата сцена на театарот „Ј. К. Џинот“ во Велес
– „Кога земјата молчи“ е мој авторски проект, моја лична и уметничка исповед, но и моја долгогодишна средба со еден лик кој речиси четири децении го носам во себе. Мојата врска со Велика не започна со создавањето на оваа монодрама. Таа започна пред околу 40 години, кога токму со овој лик го полагав приемниот испит за актерски студии. Од тој момент Велика остана во мене. Ја носев низ годините, ја чувствував, ја преиспитував и, на некој начин, постојано живеев со неа. Затоа денес не пристапувам кон неа како кон лик што допрва треба да го откријам.
Пристапувам кон една судбина што четири децении созревала во мене, за повторно да оживее на сцената. Во мојата сценска концепција сакав да го отстранам сè она што би можело да застане меѓу Велика и публиката. Не сакав сцената да зборува повеќе од актерот. Не сакав непотребни сценски ефекти, декоративни елементи и движења што би го одвлекувале вниманието од суштината, вели Димитрова Бобевски.
Таа додава дека болката на Велика не треба да биде покриена, а нејзиното лице, очите, паузите, гласот и телесната болка треба да бидат во центарот.
– Сакам публиката непосредно да ја почувствува Велика, да ја следи секоја промена во нејзиниот поглед, секој прекин на гласот, секоја тишина. Затоа се определив за камерна, сведена сценска форма. Сценографијата треба да ја носи атмосферата на времето во кое живее Велика – црнината, сиромаштијата, оскудноста и суровоста на животот. Без непотребни декоративни елементи. Секој предмет, секоја сценска слика треба да има своја причина и своја драматуршка функција. И музиката ја гледам како внимателно избран елемент, присутен на почетокот и на крајот од претставата. Не сакам таа постојано да ја објаснува или да ја нагласува емоцијата. Не сакам музиката да ѝ кажува на публиката кога треба да тагува. Сакам публиката сама да ја почувствува болката… додава Димитрова-Бобевски.












