петок, ноември 27, 2026
Дома КУЛТУРА „Пејзажи на воодушевувањето“ – изложбата на Венко Цветков

„Пејзажи на воодушевувањето“ – изложбата на Венко Цветков

1

Изложбата „Пејзажи на воодушевувањето“ на академскиот сликар, реставратор и педагог Венко Цветков се отвора вечерва, во 19:30 часот во „The Dude“ кафе, каде што авторот има постојано изложени слики од претходните циклуси. Со својата најнова изложба авторот отвора простор за поинакво доживување на пејзажот – не само како визуелна претстава на природата, туку и како лична меморија, внатрешен свет и уметничко истражување. Оваа изложба е посветена на Илина и Тристан.

„Пејзажи на воодушевувањето“ е изложба што го открива личниот уметнички сензибилитет на авторот и неговата потреба преку природата да истражува подлабоки емоционални и духовни состојби. Тоа е покана за гледачот да го напушти вообичаеното набљудување и да се препушти на сопственото доживување на просторот, светлината, тишината и времето.

Венко Цветков е роден на 27 ноември 1955 година во Штип. Своето уметничко образование го започнува на Вишата педагошка академија во Скопје, која ја завршува во 1976 година во класата на професорот Спасе Куновски. Во 1984 година дипломира на Академијата за ликовни уметности во Љубљана, Словенија, во класата на професорот Киар Мешко. По завршувањето на студиите се враќа во Македонија, каде што професионално се посветува и на реставрацијата на средновековното сликарство, особено на фрескоживописот и иконописот. Ова искуство претставува значаен дел од неговиот професионален и уметнички развој, поврзувајќи го современиот ликовен израз со богатото духовно и културно наследство. Покрај сликарската и реставраторската дејност, Цветков има значаен придонес и во ликовното образование. Од 2007 година работи како професор во Државното средно училиште за ликовна уметност и дизајн „Лазар Личеноски“ во Скопје, каде што останува до пензионирањето во 2022 година. Неговото творештво опфаќа и дела инспирирани од библиски и духовни мотиви, меѓу кои се издвојува циклусот „Псалми“, како и неговите изложбени претставувања во Словенија.

ИЗДВОЕНИ