Синдикатот за култура и денеска протестира пред Уставен суд барајќи правда. Имено, завчера тие на истото место побараа да се одложи одлучувањето за уставноста и законитоста на Колективниот договор за култура, сè додека не им биде овозможено да ги изложат своите аргументи. Повод за реакцијата беше денешната седница на Уставниот суд, на која треба да се разгледува токму ова прашање.

-По нарачка сакаат да укинат еден колективен договор, а ако укинат еден ќе ги укинат сите. Не смее да се донесе одлука за Колективниот договор за култура без да се слушне гласот на оние што го склучиле и на илјадниците работници чии права зависат од него. „Евентуалното” укинување или поништување на Колективниот договор значи враќање на културата кон состојбите од пред 2020 година. СКРМ очекува Уставниот суд да постапи во согласност со начелата на транспарентност, правна сигурност и правична постапка, велат од Синдикатот.
Од Уставниот суд пак, вчера ја информираа јавноста дека предметот во кој се оспорени членот 78-љ од Законот за културата и Колективниот договор за културата, е ставен на дневен ред на денешната седница и е во фаза на гласање. Оттаму посочуваат дека се воздржуваат од јавно коментирање на правните аргументи и од какво било прејудицирање на исходот од постапката.












