Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, во неделата, за „Алараби Алџадид“ изјави дека Моџтаба Хамнеи е „во добра здравствена состојба“ и „целосно ја контролира ситуацијата“. Некои аналитичари веруваат дека не е одлучувачко тоа дали Хамнеи е видлив за јавноста. Клучно, тврдат тие, е дали институциите под него функционираат, особено моќните безбедносни тела како што е Корпусот на Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ), опишуван како „длабока држава“, кој би можел да управува со воената стратегија на земјата, без оглед на неговото присуство
Војната во Иран влезе во третата недела, а сè уште не се знае кој е главен од иранска страна. Моџтаба Хамнеи, синот на убиениот ајатолах, Али Хамнеи, цела недела по назначувањето за врховен лидер не се појави во јавност, па сè уште циркулираат шпекулациите дека тој можеби и не е жив.
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, во неделата рече за „Алараби Алџадид“ дека Моџтаба Хамнеи е „во добра здравствена состојба“ и „целосно ја контролира ситуацијата“. Тој додаде дека Иран ја поздравува секоја „регионална иницијатива што води кон праведен крај на војната“, но нагласи дека „во моментов нема конкретни иницијативи на маса за завршување на војната“.
Но, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не е сигурно дали новиот врховен лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, е воопшто жив по нападите од САД и Израел. Во разговор за НБЦ њуз, тој рече дека нема потврда за неговата состојба.
– Не знам дали е воопшто жив. Досега никој не можел да го покаже. Слушнав дека не е жив, а ако е, треба да направи нешто многу паметно за својата земја, тоа е да се предаде. Некои мислат дека е жив, но многу сериозно ранет, рече Трамп.
Еден ден претходно, американскиот министер за одбрана Пит Хегсет изјави дека врховниот лидер веројатно бил „онеспособен“ откако бил ранет во нападите меѓу САД и Израел.
Моџтаба Хамнеи, кој во меѓувреме е издигнат на ранг на ајатолах, се огласи само еднаш, во петокот, четири дена откако беше назначен за врховен лидер на исламската револуција. Но, тој не ѝ се обрати на јавноста ниту со видео ниту со аудиоснимка, туку со соопштение што беше прочитано на националната телевизија. Во тоа соопштение, тој ги пофали иранските вооружени сили и побара отштета од земјите што го нападнаа Иран. Неговата порака потоа беше дистрибуирана преку нов канал на „Телеграм“ што го отвори неговата канцеларија. Таа порака беше полна со кодирана симболика наменета за неговата база, а дополнително беше истакната со објавување на фотографија со три примероци на ракопис – на првиот врховен лидер Рухолах Хомеини, на убиениот Али Хамнеи и на самиот Моџтаба. Пораката е јасна: започнува нова ера, а новиот лидер се претставува како легитимен наследник на оние што му претходеа. Според соопштението, Хамнеи дознал за неговото назначување преку државната телевизија, што сугерира дека тој самиот бил изненаден од развојот на настаните. Во текстот, како што анализираше Си-ен-ен, тој го опиша својот покоен татко со патетичен и речиси поетски јазик, наведувајќи дека го видел неговото тело со раката стегната во тупаница, што, како што тврди, било последниот знак на отпор.
Сепак, и по ова негово обраќање, клучната мистерија остана нерешена: иранската јавност и светот сè уште не го виделе ниту го слушнале новиот лидер, кој наводно бил ранет во првите денови од војната. Иако пораката можеби ги задоволила неговите поддржувачи, таа не разјаснува кој, всушност, ги носи клучните одлуки во Техеран. Некои аналитичари веруваат дека не е одлучувачко тоа дали Хамнеи е видлив за јавноста. Клучно, тврдат тие, е дали институциите под него функционираат, особено моќните безбедносни тела како што е Корпусот на Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ), кој би можел да управува со воената стратегија на земјата без оглед на неговото присуство, пишува Си-ен-ен. Иранската револуционерна гарда е елитна гранка на иранските вооружени сили основана по Исламската револуција во 1979 година како паралелна безбедносна структура на редовната армија. Нејзина почетна задача беше да ги заштити револуционерната влада и политичкото раководство но, со текот на времето, прерасна во организација што многу аналитичари ја опишуваат како еден вид „длабока држава“. Заедно со силно влијание во безбедносниот апарат, таа изгради и голема бизнис-империја. Командантот на Револуционерната гарда директно му известува на Врховниот лидер на Иран. ИРГЦ има длабоко влијание врз домашната политика и економијата, со интереси што се протегаат во градежниот сектор, телекомуникациите, автомобилската индустрија и енергетиката. Една од нејзините подгрупи, Басиџ, учествуваше во 2009 година во задушувањето на антивладините протести и помогна во консолидирањето на моќта на тогашниот тврдокорен претседател, Махмуд Ахмадинеџад.
Во 2019 година, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп официјално ја прогласи ИРГЦ за терористичка организација. Врховниот совет за национална безбедност на Иран потоа ги прогласи САД за „држава спонзор на тероризмот“ и ги означи американските сили во регионот како терористички групи, објави во тоа време иранската државна агенција ИРНА. Сојузниците на Америка на Блискиот Исток, исто така, ја сметаат Револуционерната гарда за сериозна закана за безбедноста. Бахреин и Саудиска Арабија ја наведоа ИРГЦ како терористичка организација во 2018 година, додека Европската Унија го стори тоа оваа година по насилното задушување на антивладините протести во Иран.
Сега, цел на ИРГЦ е израелскиот премиер, Бенџамин Нетанјаху.
– Ако овој криминалец кој убива деца е жив, ќе продолжиме да го прогонуваме и да го убиеме, соопшти гардата, пренесуваат иранските медиуми.












