четврток, јуни 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Тешко дека ќе продолжи животот, ама мора да се обидуваме

Тешко дека ќе продолжи животот, ама мора да се обидуваме

Година по трагедијата во „Пулс“– преживеаните од Кочани и денес живеат со лузните од таа ноќ

500

Една година по трагедијата, преживеаните од пожарот во „Пулс“ и натаму живеат со лузните од ноќта што засекогаш им го промени животот. Некои од нив не се сеќаваат на моментите кога избувна пожарот, како умот да се обидел да го избрише најстрашниот дел од пеколот. Други се буделе од кома и започнувале нова борба – со болката, со сопствениот изглед и со стравот дали животот некогаш ќе биде ист. Долгите операции, терапиите и месеците лекување во странство ги научиле на една сурова вистина – дека ништо во животот не вреди ако човек не е здрав. Денес тие повторно учат да живеат, носејќи ги лузните како тивко сведоштво за ноќта кога Кочани ја изгуби својата генерација

Пандорче АНТЕСКА

Една година по трагедијата, преживеаните, кои со месеци се лекуваа во болници во Грција, Србија, Италија, Бугарија… сè уште ја носат болката – не само на телото, туку и во сеќавањата што никогаш целосно не избледуваат. Некои од нив дури и не се сеќаваат на ноќта кога избувна пожарот, како умот да се обидел да го избрише најстрашниот дел од животот.

Дваесет и петгодишниот Горан Тонев од Штип, гитарист во бендот, вели дека во тие моменти мислел дека го губи животот. „Мислев дека е крај. Во еден момент ми пријде девојка, за која подоцна дознав дека се вика Моли. Таа и нејзината мајка ме ставија во нивното возило и ме однесоа во болницата во Кочани“, раскажува тој. По првата помош, бил префрлен на Клиниката во Скопје, каде што ја изгубил свеста и цел месец бил во вештачка кома. Подоцна продолжил со лекување во Грција поради тешките изгореници на дишните патишта.

Осумнаесетгодишната Тамара Темелкова се сеќава само на делови од пеколот. „Половина час бев во гужвата и пламените. Некој ме извлече, но никогаш не видов кој беше. Кога ме изнесоа надвор, ме ставија во болничко комбе. Доjде мајка ми и ме однесе во хирургија. Мислев дека само ќе ме преврзат… но кога ги видов другите повредени, ме фати вистински страв“, раскажува таа. Потоа била пренесена во Скопје, а оттаму на лекување во Белград. „Очите ми беа толку отечени што не гледав ни каде ме носат.“

Деветнаесетгодишната Надалина Грозданова, низ солзи, вели дека многу од спомените од таа ноќ, едноставно, исчезнале. „Сеќавањата се избришани, како никогаш да не постоеле. Но вистинската борба почна кога се разбудив од кома“, вели таа, објаснувајќи дека животот по трагедијата целосно ѝ се променил.

Дел од преживеаните поминале низ долги и болни операции – лекарите земале кожа од нивните нозе за да пресадат на изгорените раце. „Долго време не можевме ни да се погледнеме во огледало. Не можевме да прифатиме како изгледавме“, велат тие. Со време, раните зараснувале, но траумата останувала. „Мислиш дека е подобро, дека животот се враќа во нормала… но не е така. Тогаш сфатив дека ништо не вреди ако човек не е здрав.“

Меѓу преживеаните е и 49-годишниот Александар Авукатов, кој во дискотеката бил со колегите од својот бенд. „Борбата со пламенот и стампедото беше толку голема што немав време ни да размислувам дали нешто ме гори или дали нешто паѓа одозгора. Единствено мислев да останам на нозе и да стигнам до излезот“, раскажува тој. Во хаосот успеал да направи неколку чекори што му го спасиле животот. „Успеав да ќарам два чекори покрај десниот ѕид – тие беа пресудни да излезам надвор.“ Пред дискотеката го пречекале колегите од бендот и веднаш го однеле во болницата во Штип.

Нивните приказни раскажани во краткиот документарен филм  „Од пламен до надеж“ денес се сведоштво дека пожарот не оставил само 63 изгубени животи, туку и многу млади луѓе кои секој ден повторно учат како да живеат со лузните од една ноќ што засекогаш ги промени. Дека ова е така, пример беше и вчерашниот кошаркарски натпревар во Кочани, на кој учествуваа младите повредени во пожарот, кои се запознале на лекувањето во одморалиштето на Пониква. Нивната докторка Катарина Паниќ-Мирчовска вели дека баскетот им е еден вид физикална терапија на изгорениците по рацете. Со повредените кои го преживеаја хоророт во диското, но се здобија со лузни по кожата и во душата, и натаму работат психијатри, пулмолози, дерматолози…

„Во блиска иднина, кај дел од повредените со изгореници на кожата, ќе започнат хируршките интервенции за да се санираат лузните, особено на прстите, рацете и лицето“, вели Паниќ-Мирчовска, која што ги бодреше своите пациенти на натпреварот во чест на годишнината од трагедијата. Меѓу натпреварувачите кои беа облечени во дресови, сите со број 63, беше и триесет и шестгодишниот Драган Давитковски, кој кобната вечер бил на концерт во „Пулс“ со сопругата и со пријателите. Сè уште оди на ласерска терапија во Скопје и на контрола кога специјалист пулмолог доаѓа во кочанската болница. Во трагедијата загубил двајца од пријателите со кои само еден час пред пожарот, на иста маса, наздравувале со чашите.

„Тешко дека ќе продолжи животот во Кочани, ама мора да се обидуваме да продолжи“, вели Давитковски. Собраните пари од овој настан ќе бидат за изградба на споменик за жртвите од 16 март.

Во текот на викендот, градот што жали по изгубената генерација во несреќата пред една година, организираше велосипедска тура, планинарење, културно-уметнички настани. Околу 2000 жители на Кочани и околните градови зедоа учество на настаните во сеќавање на младите ангели.

„Ќе зачекориме по Патеката на ангелите на Пониква. Чекор по чекор… да им оддадеме почит на нашата планинарка Ивона Антова и на останатите ангели. Овој марш не е само планинарење. Ова е марш на сеќавањето, на љубовта и на достоинството. Со секој чекор ќе им кажеме: Не сте заборавени. Нека планината ја понесе нашата почит кон небото… каде што 63 ангели нè гледаат, напишаа планинарите од Осогово. Тие, пак, од клубот „Осоговски орел“ засадија триста млади багреми.

„На неодамна опожарен терен над фабриката за вода засадивме 300 млади багреми, во сеќавање на сите што ги изгубија животите во „Плус“, меѓу кои се и нашите членови, Ѓорѓи Величков и Диме Димитриев – рекоа од КПС „Осоговски орел“.

На градскиот стадион во Кочани беа откриени бистите на Томас Златков и на Александар Стојанов, кои загинаа во пожарот, а кои беа верни навивачи на ФК Осогово. Пред навивачите на групата „Сејмени“ зборуваше Јулија Златкова, мајката на Томас, вели дека иако стои со чувство на огромна болка и тага, сепак е горда бидејќи се наоѓа на стадионот каде што Томас бил најсреќен.

„Томас и Александар беа навистина посебни. Овие бисти, кои се поставуваат во нивна чест, се токму овде на трибините, каде што нивната енергија најмногу се чувствуваше и секогаш кога ќе доаѓаме овде на стадионот, иако сме тажни како нивно семејство, ќе бидеме и горди, бидејќи се наоѓаат на местото каде што беа најсреќни, рече Златкова.

Нејзината и секојдневната болка на останатите родители, јавноста ја почувствува откако еден од нив објави видео од годишниот поменот на градските гробишта, во делот каде што се нивните вечни почивалишта, едно до друго. Украсени со кадифени играчки и керамички ангели, а белиот мермер послан со свежо цвеќе, чиниш е шарена прекривка додека спијат. Родителите се погрижиле за секој детаљ од обредниот чин, да го раздадат омиленото јадење или парче облека на нивните другари и другарки, во вечен спомен на младоста и љубовта.

Алексова Стефанија, Џамов Јорданчо, Трајчев Иван, Ѓоргиев Џоко, Коларов Александар, Величков Иван, Стојанов Андреј, Антова Ивона, Христовски Павел, Димитријев Диме, Насевски Никола, Богданов Тоше, Тодоровски Тоше, Коцева Ана, Живков Адријан, Петрушов Гордан, Горгиев Игорче, Стевановски Филип, Стојанов Томче, Стоименова Моника, Стојанов Стојанчо, Пројковска Николовска Capa, Шопова Марија, Ивановски Петар, Ѓорѓиев Александар, Марковски Матеј, Закова Бојана, Василков Ѓорѓи, Петров Александар, Минова Драгана, Алексова Capa, Ѓорѓиески Андреја, Ивановски Филип, Јорданова Capa, Стрезоска Марија, Ефремов Александар, Велков Игор, Тасева Стојковска Лепа, Атанасовски Мартин, Алексов Александар , Минов Божидар, Милковска Кети, Златков Томас, Соколова Стефанија, Велков Леонид, Наунова Надица, Јорданов Виктор, Панов Андреј, Иванов Димитар, Стоименов Спиро, Владимиров Јове, Андонов Ице, Тасевски Стефан , Величков Ѓорѓи, Стојанов Александар, Христова Сања, Танески Дамјан, Спасова Моника, Лазаров Андреј, Карадакоски Александар, Гавриловски Александар, Стефанов Стојанче, Блажев Владимир Панчо.

Слава им!

 

ИЗДВОЕНИ