среда, ноември 25, 2026
Дома СВЕТ Апсења во Германија: Малолетници поврзани со крајната десница подготвувале терористички напади

Апсења во Германија: Малолетници поврзани со крајната десница подготвувале терористички напади

0
EPA/FADI YOUSEF

Федералното јавно обвинителство во Карлсруе издаде налози за апсење на тројца германски државјани, осомничени за подготовка на терористички напади поврзани со крајната десница. Истовремено, беа извршени претреси на десет локации поврзани со забранетата организација „Терор 18“.

Властите ги товарат тројцата поединци за членство во терористичката организација „Терор 18“, чија цел е извршување сериозни напади насочени против германскиот уставен поредок.

Сите тројца уапсени имаат 14 и 15 години. Според извештаите на германските медиуми, групата „Терор 18“ веќе имала изготвено конкретни планови за напад врз прифатен центар за бегалци во Долна Саксонија. Полициски акции беа спроведени на десетина локации низ Германија.

„Членовите на оваа група се обединети преку длабоко отфрлање на политичкиот и демократскиот поредок на Сојузна Република Германија. Со цел да се борат против државата што ја презираат и да шират несигурност меѓу населението, здружението на обвинетите си поставило за цел извршување сериозни кривични дела во име на групата ’Терор 18‘ – конкретно, подметнување пожари и насилство, вклучително и насочени убиства на странци и политички противници“, се наведува во соопштението на Федералното јавно обвинителство, кое е надлежно за случаите што вклучуваат наводни закани по уставниот поредок на Германија.

Истовремено, започната е истрага против уште тројца обвинети членови на организацијата „Терор 18“. Сите осомничени се класифицирани како „млади возрасни лица“ (поединци кои според возраста подлежат на целосна законска одговорност).

Од обвинителството дополнително посочуваат дека членовите на организацијата „Терор 18“ покажуваат висок степен на радикализација, која напредувала со брзо темпо.

Во круговите на крајната десница, бројот 18 служи како симбол за иницијалите на Адолф Хитлер.

ИЗДВОЕНИ