Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја потврди стабилноста на банкарскиот систем во Македонија и изрази задоволство од модернизацијата на монетарната рамка, информира Народната банка.
ММФ даде позитивна оценка за монетарната политика и состојбите во финансискиот систем, но предупреди дека глобалниот енергетски шок претставува ризик за забавување на економскиот раст и зголемени инфлациски притисоци.
Фондот оцени дека банкарскиот сектор е добро капитализиран и ликвиден, со стапка на адекватност на капиталот од 19,4 % и историски најниско ниво на нефункционални кредити од 1,9 %.
ММФ ја поздрави и модернизацијата на монетарната рамка, како и преземените макропрудентни мерки, но препорача внимателно следење на кредитниот раст и изложеноста на недвижности, како и понатамошно усогласување со европските стандарди и зајакнување на мерките против перење пари.
Според Народната банка, оцените претставуваат потврда за стабилноста и отпорноста на финансискиот систем во услови на зголемена надворешна неизвесност.












