Повисоките плати и подобрите можности за живот ги прават странските пазари сè попривлечни за македонските работници, но причините за иселувањето не се само економски. Младите сакаат да напредуваат врз основа на своите квалитети, а не на политичката припадност, вели Зоран Кочовски од агенцијата за посредување при вработување во странство, „Коузон“

 

Додека македонските компании се соочуваат со недостиг од работници, соседните земји сè поактивно бараат кадар од регионот. Србија има потреба од градежни работници и угостители, а во исто време и други европски држави бараат медицински сестри, инженери и занаетчии. Платите и можностите за подобар животен стандард ги прават странските пазари сè попривлечни за македонските работници. Но, зад одлуката да се замине од земјава не стојат само повисоките примања. Значаен дел од младите бараат средина во која ќе можат да се докажуваат и професионално да напредуваат врз основа на знаењето и способностите, без политичката ориентација да влијае врз нивните можности.

– Овде посебно би го истакнал ставот на добар дел од младата популација, која бара можност за докажување во работата според квалитетите, а не според политичката ориентација или припадност, вели Зоран Кочовски, генерален менаџер и сопственик на агенцијата за посредување при вработување во странство „Коузон“, за весникот ВЕЧЕР.

Прашањето е дали Македонија ќе успее да ги задржи и оние што сè уште останаа во земјава, или конкуренцијата од странство дополнително ќе го забрза иселувањето. Според Кочовски, побарувачката на работна сила во земјите што се обидуваат да привлечат работници е постојано висока, бидејќи на домашните пазари не можат да најдат доволен број луѓе за пополнување на работните места.

– За жал, Македонија ќе изгуби значаен број од своето работоспособно население, од причина што одењето во странство е тренд кој постои повеќе години и тешко ќе запре во наредните три до пет години“, оценува Кочовски.

Главната причина за заминувањето, според него, се повисоките примања и релативно полесното вклопување во системот на земјата во која работниците се преселуваат. Како дестинации што нудат можности за побрза интеграција ги издвојува Хрватска и Словенија.

– Најдобри услови за брза интеграција, односно добивање статус со сите права на привремен престој, нудат Хрватска и Словенија. Во останатите држави на Европската Унија овој процес е посложен и не се добива така лесно статус за вработување, вели Кочовски.

Покрај овие земји, интерес за работници од Македонија има и во регионот, особено во Србија, Црна Гора и Бугарија.

– Платите во сите наведени држави се повисоки од оние што во моментов се нудат во Македонија, посочува тој.

Сепак, Кочовски смета дека иселувањето не може да се објасни само со разликите во платите. Како дополнителни причини ги наведува политичката несигурност и несредените економски прилики во земјава.

– Голем дел од оние што се иселуваат од Македонија, чекорот кон нов почеток и работа во странство го прават и поради постојаната политичка несигурност во Македонија и несредените економски услови во нашата држава, вели тој.

За да се задржат работниците во државата, неопходни се долгорочна стратегија и постојано подобрување на условите за живот, за да имаат граѓаните реална перспектива за личен и професионален развој во сопствената земја. Тој оценува дека мерките преземени во последните десетина години не дале доволно резултати во справувањето со иселувањето.

– Сè што се правеше во последниве десетина години беше речиси неуспешно и само привидна активност во насока да се ублажи состојбата со заминувањето на младите од Македонија, смета Кочовски.

Од своето 28-годишно следење на движењата на работната сила во Европа, тој ги издвојува Словенија и Полска како земји од чии модели Македонија може да извлече корисни насоки за креирање политики за задржување на работниците и поттикнување на враќањето на дел од иселените граѓани.

– Јас 28 години ги следам тековите на работната сила во цела Европа и можам со сигурност да кажам дека најдобро организирани системи за задржување на работната сила имаат Словенија и Полска. Од нивните модели можеме да извлечеме насоки како треба да постапиме ние во Македонија, како да го запреме трендот на иселување и, уште поважно, како да вратиме дел од иселената популација, вели тој.

Кочовски не се согласува со тврдењата дека младите ќе се вратат во Македонија доколку се влоши економската состојба во Европа. Според него, таквите очекувања не се замена за јасна визија и подобри услови во земјава.

– Никако не се согласувам со изјавите на дел од политичарите дека младите ќе се вратат во Македонија заради кризата во Европа. Оваа фраза е само исказ на немоќ да се има визија за подобро утре во овој витален сектор, кој значи подобар живот за сите нас во Македонија, вели Кочовски.

Самото влошување на условите во земјите каде што се иселиле македонските граѓани не значи дека тие автоматски ќе одлучат да се вратат. За тоа се потребни стабилни работни места, пристојни приходи, можности за напредување и поголема сигурност. Трката за работна сила во регионот покажува дека Македонија се соочува со конкуренција не само од економски поразвиените европски земји, туку и од соседите кои и самите имаат потреба од работници. Во такви услови, задржувањето на работната сила бара долгорочни политики и конкретни промени, а не само реакции кога компаниите ќе останат без доволно вработени. Прашањето веќе не е само колку работници ќе заминат во странство, туку и што може да им понуди Македонија за да изберат да останат – или еден ден да се вратат.

(А.С.)

ИЗДВОЕНИ