Директорот на ЦИА, Џон Ретклиф, во вторник во Москва разговараше со руски разузнавачки претставници, но не се сретна со претседателот Владимир Путин, соопшти Кремљ во среда.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, им изјави на новинарите дека Путин бил информиран за исходот од разговорите со Ретклиф, во услови на ескалација на војната во Украина и застој во напорите за постигнување траен мировен договор меѓу САД и Иран.
Но, Песков одби да каже што било разговарано или да даде какви било детали.
„Се што можам да ви кажам е дека имало контакти преку безбедносните служби. Исто така, можам да ви кажам дека немало средби со рускиот претседател. Секако, претседателот Путин е информиран за сè без одлагање“, рече Песков.
На прашањето на новинарите дали посетите на толку високи американски претставници би можеле да помогнат во подобрувањето на односите меѓу САД и Русија, Песков рече дека контактите меѓу разузнавачките агенции на двете земји се позитивна работа.
„Овие контакти често продолжуваат дури и во најтешките периоди во билатералните односи. Нашиот претседател, патем, зборуваше за тоа. Но, сè уште е прерано да се каже до кој степен ова, генерално, ќе им помогне на нашите билатерални односи да излезат од длабоката криза во која западнаа“, рече тој.
Причината за патувањето, кое би била првата позната посета на директорот на ЦИА, Џон Ретклиф, на Русија откако ја презеде функцијата во 2025 година, сè уште не е позната.
Патем, во вторник наутро, американски воен авион полета од Латвија во правец на московскиот аеродром Внуково, според податоците од веб-страницата за следење на летови Flightradar24.
Авионот првпат полета во недела од воздухопловната база Ендрус, која се наоѓа во близина на Вашингтон и се користи за патување на високи функционери, до Рига, главниот град на Латвија.
Истиот авион го напушти рускиот главен град рано навечер во вторник.
Голем број теми би можеле да го објаснат ова ретко патување на највисокиот функционер на американската служба за надворешно разузнавање: конфликтот во Украина, оној со Иран – во време кога Вашингтон се обидува да ги придобие странските сили за својата стратегија за економски притисок врз Техеран – или размената на затвореници, истакнува агенцијата АФП. Некои други медиуми шпекулираат, од друга страна, дека САД сакаат да го обесхрабрат Путин да ја ескалира војната во Украина (користејќи нуклеарно оружје?) или да ги интензивира хибридните напади врз членките на НАТО (Велика Британија, Германија, Полска…). Но, засега, сè останува во доменот на шпекулации.
Според „Фајненшл тајмс“, САД добиле гаранции од Украина дека нивните беспилотни летала нема да ја нападнат Москва или неколку други области на почетокот на неделата за да дозволат патување на висок американски функционер.
Украинските сили неодамна ги засилија своите напади врз руска територија, понекогаш многу далеку од фронтовските линии, како одговор на копнената инвазија што ја започна Русија на 24 февруари 2022 година.
Британските и американските медиуми потсетуваат дека тогашното раководство на ЦИА, исто така, ја предупредило Москва да не го прави тоа пред копнената инвазија на Украина.












