Македонскиот филм „Скејтбордингот не е за девојчиња“ во режија на Дина Дума беше прикажан во понеделник вечерта во кулата Канли, како дел од главната натпреварувачка програма на 39. издание на Филмскиот фестивал во Херцег Нови – Црна Гора.
По проекцијата, режисерката Дума и актерката Симонида Селимовиќ, која ја игра Есма, мајка на две девојчиња, се поклонија пред публиката… Одличните реакции на присутните, гласните аплаузи и стоечките овации не ги оставија рамнодушни, па затоа изразија благодарност до сите. Дума истакна дека филмот е многу важен, како поради неговата тематика, така и за неа лично, наведувајќи дека е направен од срце. Таа не ја криеше радоста што е на фестивалот во Херцег Нови, каде што лани беше прикажан нејзиниот краток филм „Враќање“, за кој освои награда.

„Скејтбордингот не е за девојчиња“ ја следи приказната на сестрите од ромско семејство Адела и Зара, кои растат во средина во која економската неизвесност, семејните околности и општествените правила сè повеќе ги ограничуваат нивните избори. Судбината на Зара е ставена на коцка кога нејзината мајка, Есма, притисната од тешки финансиски маки, одлучува да ја омажи во богато семејство. Во центарот на случувањата е и нејзината сестра, Адела. Соочена со горчливата реалност дека нејзината постара сестра треба да стане купена невеста, таа го искажува својот бунт преку возењето скејтборд и на тој начин се обидува да побегне од реалноста што ја опкружува. Преку нивната лична приказна, филмот отвора теми за женското растење, слободата, солидарноста и за правото на сопствен избор.
Во интервју за црногорскиот портал „Вијести“, Дума истакнува дека идејата од која се кристализирал целиот филм, а со тоа и самиот наслов, ја добила еден обичен ден додека шетала низ Скопје.
„Во Скопје забележав девојка облечена во традиционални ромски шалвари во кои вози скејтборд. Таа слика некако ми остана во сеќавање, бидејќи таа девојка навистина ме фасцинираше. Беше дете, но во исто време изгледаше многу зрело. Не почнав веднаш да го пишувам сценариото, но кога почнав да го пишувам и кога почнав да размислувам за насловот, сфатив дека овој симбол на скејтбордингот, односно лизгањето, природно остана во сценариото, но дека некако мора да се појави и во насловот“, истакнала таа.
Самата приказна во филмот, во суштината, кажува многу за положбата на жените и девојките.
„Сепак, најважно за мене беше што насловот не функционира само на ниво на симбол, туку дека навистина опфаќа цел систем, поточно начинот на кој функционира во Македонија, а како што полека патуваме сè повеќе и повеќе со филмот, гледаме и сфаќаме дека тоа не е случај само во Македонија, туку дека приказната, насловот и филмот функционираат низ целиот свет“, истакнала таа.
Сценариото го потпишуваат режисерката Дума, Лидија Мојсовска и Теона Стругар-Митевска. Покрај Симонида Селимовиќ, во главните улоги настапуваат и Ефќар Абаз, Џефрина Јашари и Ганимет Абдула. Филмот, во продукција на „Сестри и брат Митевски“, е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска, а е реализиран со финансиска поддршка на македонската Агенција за филм.
Фото: Филмски фестивал „Херцег Нови“












