Големата мистерија, која со месеци ја интригираше британската јавност, доби шокантен епилог. Поранешниот британски атлетичар и тренер, Леон Батист, исчезнал за време на престојот во Мароко, а со месеци никој не знаел каде се наоѓа – ниту неговите колеги ниту пријателите, па дури ни неговото семејство.
Батист отпатувал на одмор во Мароко со пријатели, каде што планирал да ужива во забавите и да игра голф. Потоа сите траги за него исчезнале. Тој не се појавил на важни атлетски натпревари, а луѓето од неговото опкружување се обидувале да стапат во контакт со него, без да добијат каков било одговор.
По три месеци, Би-си-си откри дека Батист, всушност, се наоѓа во затвор во Маракеш. Мароканското Министерство за правда потврдило дека британскиот државјанин бил задржан во локален затвор, откако бил осуден од надлежен суд за кривично дело.
Подоцна било откриено дека Батист првично бил осуден на десет месеци затвор поради сексуално злоупотребување малолетник. По поднесената жалба, казната му била намалена на осум месеци. Во меѓувреме, од Мароко пристигнала и информација дека тој се повлекува од британската атлетика поради наводна болест, иако, според достапните информации, неговата здравствена состојба била добра.
Батист некогаш важеше за исклучително талентиран спринтер. Тој освои златни медали во штафетата на 200 метри и на 4х100 метри на Игрите на Комонвелтот во Делхи во 2010 година, а има и европско јуниорско злато од Тампере во 2003 година. Неговите најдобри резултати се 10,26 секунди на 100 метри и 20,45 секунди на 200 метри.











