четврток, ноември 26, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ЕУ: Иднината на Западен Балкан е во Унијата – од Македонија се...

ЕУ: Иднината на Западен Балкан е во Унијата – од Македонија се бараат реформи и почитување на меѓународните договори

0

Европската интеграција на Западен Балкан останува стратешки приоритет на Европската Унија, а иднината на регионот е во рамките на Унијата, се наведува во Декларацијата од Самитот ЕУ – Западен Балкан, што вчера се одржа во Брисел. Европските лидери ја потврдуваат посветеноста на проширувањето, но истовремено бараат од земјите кандидати забрзување на реформите, особено во областа на владеењето на правото, демократијата и фундаменталните права. Во Декларацијата се нагласува дека проширувањето е стратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и економскиот просперитет на Европа.

-Ја реафирмираме нашата целосна и недвосмислена посветеност на перспективата за членство во ЕУ на Западен Балкан. Иднината на Западен Балкан е во нашата Унија. Проширувањето претставува реална можност што треба да се искористи, се наведува во Декларацијата.

Напредокот кон членство, според европските лидери, треба да се темели на конкретни резултати, веродостојни реформи и принципот на сопствени заслуги на секоја земја кандидат.

Во однос на Македонија, во документот особено се издвојуваат обврските за спроведување на меѓународните договори, вклучително и Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија. ЕУ повторно ја нагласува важноста од почитување на преземените обврски и добрососедските односи како дел од процесот на европска интеграција.

-Инклузивната регионална соработка, помирувањето и добрососедските односи остануваат клучни за градење заедничка иднина, како и за спроведување на меѓународните договори со добра волја и со опипливи резултати, вклучително и Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија. Сè уште се потребни одлучни понатамошни напори за поттикнување на помирувањето и регионалната стабилност, како и за наоѓање и спроведување дефинитивни, инклузивни и обврзувачки решенија за регионалните и билатералните спорови и прашања на партнерите, вкоренети во наследството од минатото, во согласност со меѓународното право и утврдените принципи, стои во декларацијата.

Дополнително, европските лидери ги повикуваат земјите од регионот да ги забрзаат реформите во фундаменталните области, со посебен акцент на независноста на судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, функционалноста на институциите, слободата на медиумите и заштитата на човековите права. Се нагласува дека европската перспектива мора да биде поткрепена со конкретни резултати, а не само со политички заложби.

Во документот се посочува дека геополитичките предизвици, руската воена агресија врз Украина, конфликтите на Блискиот Исток и глобалната конкуренција ја наметнуваат потребата од уште поблиски односи меѓу ЕУ и Западен Балкан. Европските лидери оценуваат дека проширувањето е инвестиција во безбедноста и стабилноста на Европа, но нагласуваат дека напредокот на секоја земја ќе зависи од нејзините сопствени заслуги.

-Ги повикуваме сите партнери од Западен Балкан да го забрзаат спроведувањето одлучни и веродостојни реформи, особено во областа на фундаменталните принципи, и да ги исполнат обврските потребни за напредување на патот кон ЕУ. Ги поздравуваме динамиката и напредокот што го постигнаа партнерите од Западен Балкан на патот кон ЕУ од последниот состанок. Забрзувањето на процесот на пристапување, заснован врз веродостојни реформи од партнерите, праведна и ригорозна условеност и врз принципот на сопствени заслуги е во наш меѓусебен интерес. Паралелно, во согласност со Декларацијата од Гранада, ЕУ треба да ги унапреди сопствените подготовки и реформи за проширена Унија, се наведува во Декларацијата.

Посебен акцент е ставен на реформите во правосудството, борбата против корупцијата, заштитата на човековите права и слободата на медиумите. Од земјите партнери се очекува европските вредности да ги потврдат преку конкретни постапки и функционални институции.

-Очекуваме од нив да ја покажат оваа посветеност со конкретни постапки, така што ќе преземат одговорност и ќе ги спроведат потребните реформи, особено во областа на фундаменталните принципи и владеењето на правото. Слободата на изразување, независните и плуралистички медиуми, родовата еднаквост и силната улога на граѓанското општество се клучни за да се обезбеди функционална демократија, се наведува во документот.

Во економскиот дел, Декларацијата предвидува продолжување на постепената интеграција на Западен Балкан во единствениот пазар на ЕУ. Меѓу конкретните иницијативи се проширувањето на „Роаминг како дома“, приклучувањето кон платежната област СЕПА, развојот на системи за инстант плаќања и модернизацијата на граничните премини.

ЕУ нагласува дека користењето на средствата од Планот за раст за Западен Балкан, за кој се предвидени до шест милијарди евра за реформи и инвестиции, е тесно поврзано со спроведувањето на реформската агенда и исполнувањето на утврдените обврски. Европските лидери ги повикуваат земјите од регионот навремено да ги спроведат реформите за да ја искористат финансиската поддршка.

Во Декларацијата се издвојува и Коридорот 8, кој има стратешко значење за поврзувањето на регионот со европските транспортни мрежи и ги поврзува Јадранското и Црното Море.

Европската Унија го поздравува усогласувањето на партнерите од Западен Балкан со Декларацијата од Брисел, при што се наведува дека Србија не се приклучила кон нејзиното усвојување, што е забележано и во фуснота на документот.

 

ИЗДВОЕНИ