Општина Ѓорче Петров исплати 44 јубилејни награди во вкупен износ од 2.455.210 денари за вработени во општинските основни училишта и во детската градинка, со што им оддава признание за нивниот долгогодишен труд, посветеноста и за придонесот во образованието, воспитувањето и згрижувањето на најмладите.
– Од вкупниот број исплатени награди, 26 се наменети за вработени во детската градинка, во вкупен износ од 1.493.555 денари, додека 18 награди се исплатени за вработени во основните училишта, во вкупен износ од 961.655 денари – соопштија од Општината.
Оттаму нагласуваат дека јубилејните награди претставуваат признание за годините поминати во работа, за одговорноста и за посветеноста на сите оние што имаат важна улога во растењето, развојот и во образованието на децата.
Од локалната самоуправа им ги честитаат работните јубилеи на сите добитници, изразувајќи благодарност за нивниот придонес и за професионалниот ангажман.












