недела, јуни 28, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Минималниот К-15 годинава се искачи на 19.116 денари

Минималниот К-15 годинава се искачи на 19.116 денари

24

Од 1 јули, работодавачите во приватниот сектор можат да започнат со исплата на регресот за годишен одмор, попознат како К-15, при што годинава, минималниот износ се зголемува на околу 19.116 денари.

Минималниот регрес е пресметан согласно со Општиот колективен договор за приватниот сектор и стопанството, според кој, К-15 изнесува најмалку 40 проценти од просечната нето-плата исплатена во последните три месеци. Основица за пресметката се просечните нето-плати за февруари, март и април 2026 година, кои изнесуваат 46.159, 48.433 и 48.779 денари. Просечната вредност е околу 47.790 денари, што значи дека минималниот регрес за годишен одмор достигнува  19.116 денари.

Право на исплата имаат вработените во приватниот сектор кои имаат најмалку шест месеци непрекинат работен однос кај истиот работодавач во текот на календарската година. Компаниите можат да исплатат и повисок износ доколку тоа е предвидено со колективен договор, договор за вработување или интерен акт.

Сепак, законската рамка предвидува и исклучоци. Работодавачите кои работат со загуба или се соочуваат со финансиски тешкотии можат да исплатат понизок регрес, доколку тоа е утврдено согласно колективниот договор и е поткрепено со соодветна документација и одлука.

Од друга страна, компаниите кои имаат законска обврска да исплатат К-15, а нема да го сторат тоа, ризикуваат инспекциски надзор и парични санкции. Работниците, пак, имаат можност да поднесат претставка до Државниот инспекторат за труд или своите права да ги остварат преку судска постапка.

За голем дел од вработените, регресот за годишен одмор претставува значајно дополнување на семејниот буџет, особено во летниот период кога традиционално се зголемуваат трошоците за одмор, сметки и секојдневни потреби. За работодавачите, пак, исплатата на К-15 претставува дополнителен финансиски товар, поради што дел од компаниите ја реализираат подоцна во текот на годината, но во роковите предвидени со колективниот договор.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ