Премиерот Христијан Мицкоски при увидот на градежните активности на Универзална Сала изјави дека очекува Регулаторната комисија за енергетика попладнево да го објави новиот ценовник на горивата и дизелот да поевтини за 2 до 2,5 денари по литар.
– Според нашите калкулации, јас очекувам дека денес повторно дизелот ќе поевтини, за 2 до 2,5 денари, бидејќи минатата недела просекот беше таков на плац во Флоп Италија што за нас претставува репер берза – изјави Мицкоски.
Тој истакна дека државава веќе два месеци е пример за начинот како се справува со енергетската криза.
– Ова е увезена криза поради геополитичките случувања. Ние сме една од ретките држави која што направи ваква робусна мерка веднаш и со тоа успеја да го задржи нивото на едни пристојни граници – рече Мицкоски.
Во март во Македонија имаше прилично нагло поскапување на горивата, особено во првата половина од месецот. Главниот скок беше околу 9–10 март кога дизелот поскапе за 4,5 денари по литар, а бензинот (БС-95) за 5 денари по литар, или просечното зголемување беше околу 14,3%, што се смета за едно од најголемите неделни поскапувања во последните години.
До крајот на март имаше дополнителен раст на цените за околу 9% во однос на претходната пресметка. Така, дизелот чинеше приближно 95,5 денари по литар, а а бензинот БС-95 околу 84 денари по литар.
Вкупната слика за март покажува дека бензинот порасна вкупно околу 5–10 денари по литар, а дизелот имаше скок за околу 14–15 денари по литар (или повеќе во некои циклуси), што говори дека цените процентуално имаа раст од 10% до 15 %, во зависност од типот на гориво и периодот во месецот.
(С.Бл.)












