Владата, како никоја друга држава во Европа, директно од буџетот, во следните две недели, ќе интервенира од буџетот за да го намали ДДВ од 18 на 10 %, истакна премиерот Христијан Мицкоски и најави нови мерки ако продолжи растот на цените на нафтата, вклучително и намалување на акцизите и на маржите.
– Владата ја следи состојбата со цените на нафтата и доколку продолжи растот на берзите по истекот на двонеделната мерка за намалување на ДДВ од 18 на 10 отсто, доколку продолжи растот, следна мерка ќе биде намалување на акцизите и на маржата, односно цената на складирање и на транспортните трошоци – истакна Мицкоски.
Тој нагласи дека Владата има мерка за следните две недели, како ниедна друга држава во Европа, директно од буџетот за намалување на ДДВ од 18 на 10 проценти.
– И понатаму ќе ја следиме состојбата и врз основа на тоа, во периодот што следува, ќе интервенираме – нагласи Мицкоски.
Прашан дали Владата ќе преземе мерки доколку има раст на цените на храната, Мицкоски посочи дека 30 тима од Државниот пазарен инспекторат се на терен и доколку забележат непазарно однесување, ќе дејствуваат.
– Триесет тима од Државниот пазарен инспекторат се на терен. И повторно тука, од страна на опозицијата манипулираат дека се посетуваат различни видови маркети. Се гледаат сите трошоци и врз основа на тие трошоци, носиме стратегија и политика. Нормално, таму каде што ќе видиме дека постои непазарно однесување, ќе дејствуваме како Влада – истакна Мицкоски.












