Четирикратниот светски шампион во Формула 1, Макс Верстапен, објави дека поради новите правила и неконкурентноста на болидот на Ред Бул, би можел да се пензионира на крајот од сезоната.

Мартин Брандл, поранешен возач во Ф1 за Тирел, Заксенринг, Вилијамс, Брабам, Бенетон, Лижие, Мекларен и Џордан, како и коментатор на „Скај ТВ“, го даде своето мислење за најавата на Макс Верстапен.

Тој верува дека заминувањето на Холанѓанецот би било голема загуба, но и дека Формула 1 би продолжила да живее и без него.

  • Макс е отворен, нели? Тој отсекогаш бил таков. Долго време вели дека „не е тука на долг рок“ и дека не се гледа себеси во Формула 1 во своите четириесетти години, или нешто слично. Макс би рекол дека малку му здодева спортот. Но, малку ми здодеа и мене слушајќи сè што зборува. Или треба да си оди, или треба да престане да зборува за тоа, бидејќи така е, порача Брандл.

Англичанецот признава дека Холанѓанецот е надарен и специфичен возач, но тврди дека Формула 1 останала имуна на заминувањата на големи имиња.

  • Треба да го искористиме максимално. Би ми недостигал неговиот талент, неговата генерациска брзина и контрола на болидот – тоа е нешто што го имале многу малку луѓе во историјата на мотоспортот. Макс е извонреден.
  • Никој не е незаменлив во оваа работа. Видов многу неверојатни луѓе кои поминале низ овој спорт и повеќе не се тука, или отишле да прават нешто друго, а спортот продолжува понатаму. Ф1, едноставно, ќе продолжи понатаму ако Макс одлучи да си замине, но во меѓувреме тој прави голема штета со ваквите изјави. Сепак, сите знаеме дека ова е неговиот стил, но би бил изненаден ако тој навистина си замине, додаде Брандл.

Макс Верстапен освои четири последователни шампионски титули – 2021, 2022, 2023, 2024. Ист број титули во Формула 1 имаат Французинот Ален Прост и Германецот Себастијан Фетел. Само Хуан Мануел Фанџо (5) сега е пред него, додека рекордот од седум титули го држат Михаел Шумахер и Луис Хамилтон.

ИЗДВОЕНИ