Метрополата меѓу десетте најзагадени градови во светот

54

Метрополата утринава повторно се најде на листата на најзагадени градови во светот, на почетокот на зимската сезона. Скопје го зазеде шестото место според загаденост на листата на платформата „IQAir” на поголеми градови во светот – со индекс на загаденост од 165.

Први на листата се Делхи во Индија и Лахор во Пакистан.

Во европски рамки, Скопје е на второ место зад Сараево кое има индекс на загаденост од 182.

Од регионот, покрај Сараево и Скопје, и Приштина се најде на листата на градови со загаден воздух, со индекс од 128.

Неодамна, министерот за животна средина и прв вицепремиер, Изет Меџити, изјави дека проблемот со загадениот воздух е комплексен, одговарајќи на новинарско прашање дали ресорот и Владата имаат конкретни мерки како оваа зима да имаме помалку загаден воздух.

-Комплексно прашање и комплексна лепеза на активности, кое не може преку ноќ да се реши. Добро е што трендот е на подобрување. Периодот (на загаден воздух) се скратува, но не треба со тоа да бидеме спокојни и задоволни. Работиме интензивно и секојдневно како да го решиме сигурно. Планираме повеќе мерки, почнувајќи во соработка со локалните самоуправи. 40% од проектите се насочени во делот на екологијата. Во периодот што следува ќе ве информираме секоја недела со конкретни активности што ќе ги преземеме – истакна Меџити.

Освен тоа, Меџити најави и дека заедно со Државниот инспекторат за животна средина ќе почнат со контрола на производните капацитети, ќе бидат посетени најголемите индустриски капацитети во државата, почнувајќи од Скопскиот Регион.

-Работни тимови ќе спроведат увиди на терен, односно надзор над издадените интегрирани еколошки дозволи, со цел да се контролира усогласеноста на условите во дозволата со работата на инсталацијата на терен – истакна Меџити.

Екстремно загаден воздух Скопје имаше и на крајот на 2023 година, а податоците од Државниот автоматски мониторинг систем на Министерството за животна средина и просторно планирање покажуваат дека квалитетот на воздухот во декември 2023 бил полош во споредба со истиот месец од 2022 година.

(А.П.)