Општина Центар ги повикува учениците од општинските основни училишта да аплицираат за стипендии во три категории: култура, наука, техника и посебни вештини, како и спорт. Дополнително се доделуваат стипендии на осум талентирани ученици од семејства со висок социјален ризик.
Висина на стипендиите во категориите култура, наука, техника и посебни вештини, изнесува 4.000 и 4.500 денари месечно, додека за спортските стипендии се предвидени 3.500, 4.500 и 5.000 денари месечно, во тек на осум месеци во тековната учебна година.
-Го исполнивме предизборното ветување за зголемување на ученичките стипендии за 50 проценти. Со оваа мерка обезбедуваме поголема поддршка за знаењето, креативноста, талентот и спортскиот дух на нашите ученици. Тие се нашата иднина и заслужуваат услови во кои ќе можат да се развиваат и да ги остваруваат своите амбиции – иѕјави градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Секој ученик може да аплицира само во една категорија.
За пријавување потребно е да се достават потврда од училиште дека е редовен ученик/чка, кратка биографија, контакт од родител или старател, фотокопии од свидетелства, добиени дипломи, признанија и награди, како и потврди од надлежните федерации или акредитирани организации, согласно категоријата за која се аплицира.
Документите се поднесуваат во архивата на Општина Центар или по пошта на адреса: улица „Михаил Цоков“ број 1, Скопје, со соодветна назнака за категоријата.
Крајниот рок за поднесување на документите е 23.09.2026 година.












