Црна Гора е најблиску до приклучување кон Европската Унија, а за Албанија, Молдавија и Украина ЕУ ќе даде патокази, појасни еврокомесарката за проширување, Марта Кос, по најавата на претседателката на Европската комисија дека се подготвуваат патокази за државите кои се најнапредни во пристапните преговори. За разлика од овие земји, Кос ги стави Македонија, Босна и Херцеговина и Косово во друг кош и порача ова да им биде мотив да се придвижат напред како горепоменатите земји, а не „да одат назад како Србија“.
-Да, оваа есен ќе биде есен на проширувањето. Станува збор за две главни насоки. Многу сум среќна што го засилуваме процесот на проширување. Во својот говор претседателката на ЕК соопшти дека подготвуваме патокази за земјите кои се најнапредни во преговорите. Знаете, Црна Гора е најблиску до пристапување, а за Албанија, Молдавија и Украина ќе претставиме патокази, во кои ќе ги планираме сите можни технички чекори до крајот на нашиот мандат. Другата насока е поврзана со тоа да ги подготвиме нашите земји-членки за да го поддржат процесот на проширување на ЕУ. Не можеме да прифатиме нови членки ако нема поддршка од сите земји-членки и од сите граѓани. Знаете, многу години немаше никакво проширување на ЕУ, последното беше во 2013 година, кога Хрватска се приклучи. Потоа процесот на проширување не беше приоритет. Сега имаме две земји од Западен Балкан кои се најнапредни на патот кон ЕУ. Тоа може да ги мотивира и останатите држави како Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Косово, со кои сè уште не сме започнале преговори, да се придвижат напред, а не да одат назад како Србија, вели Кос во интервју за Бугарската национална телевизија.
На новинарско прашање како ЕУ може да влијае врз Скопје да ги спроведе уставните измени и да ги внесе Бугарите во Уставот со цел да се деблокира процесот на пристапување, Кос рече дека би била многу среќна доколку актуелниот момент на проширување се искористи и за напредок на земјава.
-Јас ќе бидам многу среќна ако го искористиме овој момент на проширување и за Северна Македонија. Јас верувам во новата бугарска влада, со која работам многу добро. Сите ние заедно ќе најдеме начин да го придвижиме процесот со Северна Македонија. Се разбира, владата во Северна Македонија треба да го исполни своето ветување. Тие треба да го променат својот устав, тоа е договорено меѓу Северна Македонија и 27-те земји-членки на ЕУ. Откако тоа ќе биде направено, ќе сметам на поддршката и на вашата земја, за да продолжиме напред и со Северна Македонија.“
Во однос на Украина и дали е реално да стане членка на ЕУ до крајот на 2030 година, Кос вели дека земјата ги исполнува своите ветувања, иако се наоѓа во војна.
-Нашите критериуми за Украина се исти како и за останатите земји-кандидатки. Но Украина се бори и за своето опстојување. Ако брзината на реформите остане иста, мислам дека преговорите ќе се одвиваат добро. Во моментов имаме два отворени кластери, но сè ќе зависи од реформите. Знаете, земјите-членки инсистираат да биде зачуван принципот на сопствените заслуги, што значи дека една земја напредува само ако ги исполнува преземените обврски, вели еврокомесарката.
Во однос на идејата за асоцијативно члентсво на Канада, Марта Кос појасни дека Унијата веќе има длабоки врски со Канада, не само економски, туку и вредносни и се залагаат за исти позиции.
-Придружното членство би значело како максимално можеме да ја интегрираме Канада во нашите структури без земјата да биде членка на ЕУ. На крајот на октомври ќе имаме самит ЕУ-Канада и тогаш ќе знаеме повеќе што точно ќе преземеме. Но, уште еднаш да нагласам – Канада има големо значење за Европа. Живееме во еден луд свет, каде што правилата веќе не се исти како во минатото. Европа може да биде посилна заедно со Канада и заедно можеме да придонесеме за повеќе нормалност во овој луд свет, вели Кос во изјавата за БНТ. (В.С.Н.)












