Менувањето на електронска евиденција е кривично дело!

3932

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, денеска во објава на „Фејсбук“ нагласи дека во Чаир има 13 илјади дивоградби и го предупреди министерот за транспорт, Александар Николоски, дека менување на електронска евиденција е кривично дело.

–Прашањето ми е колку има заведено во оригиналната архивска книга за која истрага води Јавното обвинителство и колку има во електронската евиденција на Министерството за транспорт – истакна Арсовска.

Вчера, Арсовска на прес-конференција пред Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција истакна дека никој не проверува како 11-годишник изградил пет згради од по милион евра. Арсовска достави и нови докази до Обвинителството и повика сите надлежни институции да реагираат за да се запре дивеењето во Чаир кое, како што нагласи, ги доведува во опасност луѓето што живеат таму.

Министерот за транспорт, Николоски, пак, одговарајќи на пратеничко прашање, ѝ порача на Арсовска дека министерството има надлежност само за градби од А-категорија, а за сите објекти за кои секојдневно зборува градоначалничката Данела Арсовска е одговорен Град Скопје.

– Сакаме да ја информираме јавноста дека целосна надлежност за тие објекти има градоначалникот на Град Скопје, преку градежната инспекција. Наместо спектакли и настапи во медиумите, нека излезат со инспекција и нека утврдат дали објектите се дивоградби – рече Николоски.

Арсовска, пак, реагираше на изјавата на министерот Николоски. Таа го прозва дека или не го знае законот или свесно манипулира со јавноста.

-Град Скопје, согласно со законот, е единствена од 81 општина што нема градежна инспекција. Така е утврдено со закон. И тоа одамна. Наместо да манипулира, министерот Николоски нека се информира. Надлежен за постапување е Државниот инспекторат за градежништво, кој е под ингеренции токму на министерството со кое раководи Николоски – нагласи Арсовска.

Таа потсети дека Министерството за внатрешни работи веќе поднело кривични пријави за дивоградби во Делчево и во Македонска Каменица, што според неа е доказ дека системот може да функционира, но не и во Скопје.

(А. П.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ