четврток, октомври 8, 2026
Дома СВЕТ Мелони извојува клучна битка: Италија го менува изборниот систем

Мелони извојува клучна битка: Италија го менува изборниот систем

28
Фото: EPA/RICCARDO ANTIMIANI

Италијанскиот парламент денес ја одобри реформата на изборниот систем, што претставува значајна политичка победа за премиерката Џорџа Мелони, но истовремено отвора можност за уставен спор околу новите правила.

Предлогот за реформа – наречен „Стабиликум“ или „Мелонелум“ и од поддржувачите и од критичарите – предвидува замена на сегашниот мешан изборен систем со целосно пропорционален систем.

Долниот дом на италијанскиот парламент ја усвои реформата со тајно гласање, со 227 гласа „за“ и 164 „против“, со што законот го доби конечното парламентарно одобрение по повеќемесечни дебати. Најзначајната промена е воведувањето на механизмот „бонус за мнозинство“, кој на победничката предизборна коалиција би ѝ доделил дополнителни пратенички места во двата дома, под услов да освои најмалку 42 отсто од гласовите.

Според новите правила, политичките партии што сакаат да се квалификуваат за бонусот за мнозинство мора – пред изборите – да се договорат за заеднички кандидат за премиер и за заедничка политичка платформа. Владејачката коалиција предводена од Мелони тврди дека реформата ќе им овозможи на гласачите јасно да видат која коалиција ќе ја формира владата и ќе ги намали пост-изборните преговори кои историски доведувале до нестабилни влади.

Сепак, опозицијата од центар-левица ја оспорува реформата, нарекувајќи ја „измамнички закон“ и тврдејќи дека е неуставна. Тие најавија дека, штом законот стапи на сила, ќе побараат негова проверка од италијанскиот Уставен суд.

Критичарите особено го доведуваат во прашање бонусот за мнозинство, тврдејќи дека таков механизам би можел да ја поткопа пропорционалната застапеност на гласачите и да биде во спротивност со претходните одлуки на Уставниот суд, со кои одредени делови од претходните изборни закони беа прогласени за неуставни.

Сегашниот изборен систем во Италија предвидува околу една третина од пратеничките места да се пополнуваат во изборни единици со еден мандат врз основа на мнозинскиот принцип, додека според новиот закон, сите места би се доделувале пропорционално.

Гласањето за изборната реформа истовремено послужи и како тест за единството на владејачката коалиција. Мелони претходно ги предупреди пратениците од нејзината партија „Браќа на Италија“, како и коалициските партнери „Форца Италија“ и „Лигата“, дека отфрлањето на реформата би можело да предизвика владина криза.

Сепак, постои отпор кон реформата и во самата владејачка коалиција. Некои пратеници стравуваат дека новиот систем би можел да има контраефект доколку националистичката партија „Национална иднина“ – предводена од поранешниот генерал Роберто Ванчи – привлече дел од гласачите на владејачкиот блок, со што би се отежнало достигнувањето на прагот од 42 отсто, неопходен за обезбедување на бонусот за мнозинство, пренесе „Бета“.

ИЗДВОЕНИ