Фото: Е. Пелистер

Ракометниот шампион на Македонија, Еурофарм Пелистерм, е во исчекување на последниот домашен меч во Лигата на шампионите оваа сезона. Во Битола, вечерва, од 20.45 часот, гостува францускиот гигант ПСЖ, што ќе биде одлична подготовка и увертира за предизвиците од плејофот во домашниот шампионат. Тренерот Стевче Алушовски го најави следниот меч, за кој кажа дека ќе се игра исто како и сите други и покрај загубените шанси за пласман во нокаут-фазата во најелитното клупско ракометно натпреварување.

– Се подготвуваме како и за секој натпревар, ни гостува гигантот ПСЖ, кој оваа година во првата полусезона не играше според очекувањата. Се работи за тим составен од голем број француски репрезентативци и интернационалци кои се едни од најдобрите на своите позиции, така што ни следува тежок меч, со многу трчање, доколку успееме да го контролираме нивното темпо кое го наметнуваат при транзиција, ќе имаме добри шанси да се покажеме во добро светло. Со добра игра од наша страна, да извојуваме добар резултат. Последен меч за нас дома, ПСЖ не доаѓа секој ден во Битола, па се надевам на голема поддршка и ги повикувам сите љубители на ракометот, заедно да направиме добар и историски резултат за нас. Секако дека во онаа видеоанализа што ја спремавме пред мечот, го земаме и првиот меч што беше добро, а што лошо. Ние ги загубивме шансите за пласман, но сите овие силни натпревари против ПСЖ и Барселона ќе ни послужат и се добредојдени за екипата, од ден на ден, да расте. Кажав дека кус период сме заедно и секој еден ваков меч е додадена вредност во однос на тоа што значи како ќе се поставиме во играта, и во одбрана и во напад. Двата исклучително тешки меча со ПСЖ и со Барселона ќе ги користиме за подготовка за мечевите со Вардар. Нашиот фокус е кон домашното првенство, но тоа не значи дека во ЛШ нема да го дадеме нашиот максимум, кажа тренерот на битолскиот тим, Стевче Алушовски.

Дека ракометарите на шампионот ќе дадат сè од себе за добра претстава против францускиот гигант потврди и  левото крило на „пелистерци“, Петар Атанасијевиќ.

– Ова за нас е последен домашен меч во Лигата на шампионите. Ќе дадеме сè од себе и ја повикувам публиката во што е можно поголем број да ужива во натпреварот. Добро се чувствуваме сите, немаме повредени играчи. Ни следува тежок и напорен меч, но ние ќе играме до крајот, кажа Атанасијаевиќ.

Еурофарм во Б-групата во Лигата на шампионите има освоено само пет бода и е на претпоследното место, пред Загреб, кој има два бода и зад ГОГ Гудме, со девет бода.

ИЗДВОЕНИ