сабота, октомври 10, 2026
Дома СВЕТ Масовно пукање во Пенсилванија: Маж се забарикадира во куќа и уби девет...

Масовно пукање во Пенсилванија: Маж се забарикадира во куќа и уби девет лица, меѓу жртвите деца и бремена жена – напаѓачот пронајден мртов по злочинот

0
Фото:принтскрин, фото „Икс“

Девет лица, вклучително и две деца и бремена жена, загинаа синоќа во пукање во семејна куќа во Пенсилванија. Напаѓачот бил пронајден мртов по извршеното дело, пренесува „Њујорк пост“.

„Сакам да бидам целосно искрен со јавноста – ова е една од најтешките и најстрашните сцени со кои нашите полицајци и истражители се соочиле во своите кариери“, изјави началникот на полицијата во Ири, Рик Лора.

„Секоја загуба на живот е ужасна, а околностите што ги истражуваме се крајно вознемирувачки.“

Според локалниот медиум „Ири њуз нау“ (Erie News Now), полицијата интервенирала околу 17 часот по пријава за пукање на улицата Пери. По пристигнувањето, полицајците ги пронашле телата на две жени пред куќата.

Осомничениот, вооружен со пиштол, се забарикадирал во куќата, предизвикувајќи опсадна состојба во која биле вклучени специјални полициски единици.

За време на операцијата се слушнале уште неколку истрели од куќата, што е потврдено и со снимки објавени од „Ири њуз нау“. Напаѓачот, чиј идентитет сè уште не е објавен, бил пронајден мртов; се верува дека си го одзел животот.

Началникот Лора ја потврди смртта на напаѓачот, но одби официјално да го соопшти вкупниот број на жртви.

Медиумските извештаи наведуваат дека се убиени девет лица. Полицијата ги пронашла останатите жртви при претресот на куќата, а било потврдено дека една од убиените жени била бремена. Лора изјави дека, од почит кон жртвите, нема да открива детали за самото место на злосторството. Мотивот за нападот засега е непознат, како и врската меѓу напаѓачот и жртвите.

Началникот изјави дека повеќе не постои опасност за јавноста.

„Нашите мисли се со жртвите, нивните семејства и сите погодени од оваа трагедија“, рече Лора. „Не постојат зборови со кои може да се опише големината на оваа загуба.“

ИЗДВОЕНИ