Полското Министерство за одбрана потпиша договор со американската софтверска компанија „Палантир технолоџис“ за набавка на систем заснован на вештачката интелигенција, кој ќе функционира во Полска под името „Сатурн“.
Според порталот „Сајбер дифенс 24“, софтверот ќе обединува снимки и податоци од надзорните системи, сензори и од дронови за полесно воено одлучување.
По загриженоста во јавноста за безбедноста на информациите, министерот за одбрана, Владислав Косињак Камиш, уверува дека војската и државата ќе ја задржат целосната контрола врз податоците, оценувајќи дека системот ќе ја зајакне армијата слично како набавката на авионите Ф-35.
Потегот на Варшава доаѓа во момент кога повеќе западноевропски земји, меѓу кои Франција, Германија и Шпанија, ги намалуваат договорите со „Палантир“ за да ја избегнат зависноста од американската технологија во одбраната.












