Американскиот милијардер Илон Маск излезе со нови остри критики кон Агенцијата на САД за меѓународен развој (USAID), опишувајќи ја како „измама“ и повикувајќи да се истражи кој и за какви цели ги добивал средствата од американскиот федерален буџет.
„УСАИД е измама. Сè што изгледаше барем малку добро е префрлено во Стејт департментот“, напиша Маск на својата платформа Икс (X). Тој сподели и поддржа повеќе објави во кои се доведува во прашање финансирањето на илјадници новинари, медиумски куќи и невладини организации ширум светот преку програмите на оваа агенција, порачувајќи дека мора да се „следат парите“ на даночните обврзници.
Follow the money:
USAID bought thousands of journalists with your taxpayer dollars!
— Elon Musk (@elonmusk) November 28, 2026
Овие реакции на Маск доаѓаат веднаш откако администрацијата на претседателот Доналд Трамп објави внатрешна документација – вклучувајќи електронски пораки, записници и нацрт-предлози од периодот на претходната администрација на Џо Бајден. Од Белата куќа оценија дека објавените материјали покажуваат оти претходната власт ја користела УСАИД за промовирање сопствена политичка агенда и влијание врз медиумскиот простор.
Според наводите во објавената документација, дел од активностите се однесувале на соработка со организации и технолошки компании како „Алфабет“ и „Мета“ за ограничување на досегот на руски медиуми по почетокот на војната во Украина, како и програми за етикетирање на одредени конзервативни медиуми како извори на дезинформации.
Инаку, актуелната дебата за улогата на агенцијата се надоврзува на минатогодишната одлука на претседателот Трамп да укине повеќе од 80 отсто од проектите на УСАИД. Тие кратења беа спроведени по препорака на Одделението за владина ефикасност (DOGE), со кое во тој период раководеше токму Маск.












