недела, ноември 29, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Регистрирани се 13 нарушувања на јавниот ред и мир за Денот на...

Регистрирани се 13 нарушувања на јавниот ред и мир за Денот на албанското знаме, уапсени се 13 лица

0

Тринаесет нарушувања на јавниот ред и мир биле регистрирани за време на прославата на Денот на албанското знаме на подрачјата на Скопје, Тетово, Охрид и Куманово. Министерството за внатрешни работи соопшти дека досега се поднесени две кривични пријави, изготвени се 10 записници за констатирани прекршоци, а три лица биле лишени од слобода.

Во рамките на досегашното постапување, полицијата лишила од слобода три лица, поднела две кривични пријави и изготвила 10 записници за констатирани прекршоци.

Кривичните пријави се однесуваат на делата „безобѕирно управување со моторно возило“ и „недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи“.

На подрачјето на СВР Скопје биле регистрирани седум нарушувања на јавниот ред и мир, на територијата на Бит Пазар и Ѓорче Петров.

Против четири лица биле изготвени седум записници за прекршоци, од кои три за отстранување, кинење или оштетување на државни симболи и симболи на заедниците, еден за карање, викање или непристојно и дрско однесување, како и три прекршоци од областа на безбедноста во сообраќајот.

Сообраќајните прекршоци се однесуваат на управување моторно возило без возачка дозвола, пречекорување на дозволената брзина и движење во спротивен правец.

Поднесена е и кривична пријава против малолетник за кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“, согласно член 297-а од Кривичниот законик. При преземањето на мерките за расчистување на настаните во Скопје, две лица биле лишени од слобода.

На подрачјето на СВР Тетово биле регистрирани две нарушувања на јавниот ред и мир од страна на малолетници, поврзани со употреба на пиротехнички средства на Градскиот плоштад во Тетово. Регистриран бил и настан во кој албанско знаме било поставено на полициско возило.

Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно документирање на овие настани, по што ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

На подрачјето на СВР Охрид биле регистрирани две нарушувања на јавниот ред и мир, во Кичево и Струга.

Во Кичево, на градскиот плоштад биле поставени неколку знамиња на Република Албанија, по што полицијата составила записник за констатиран прекршок.

Во Струга, пак, во едно основно училиште биле поставени знамиња на Република Албанија, без притоа да биде истакнато македонското државно знаме. По документирањето на случајот, ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка против одговорното лице во училиштето.

На подрачјето на СВР Куманово бил регистриран инцидент за време на дефиле со возила низ централното градско подрачје.

Полициските службеници забележале две лица, од кои едното побегнало, додека другото било задржано. При извршениот преглед кај него биле пронајдени пиштол марка „Црвена Застава“ и рамка со пет куршуми.

Лицето било лишено од слобода поради сомнение за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи“, согласно член 396 од Кривичниот законик.

Од Министерството за внатрешни работи нагласуваат дека продолжуваат со интензивно преземање мерки за целосно расчистување и документирање на сите регистрирани настани, по што ќе следува соодветно постапување согласно законските надлежности.

ИЗДВОЕНИ