вторник, септември 29, 2026
Дома СВЕТ Мароко првпат во својата историја доби жена премиер

Мароко првпат во својата историја доби жена премиер

0
Фото:википедија

Мароканскиот крал Мухамед Шести денес ја назначи министерката за урбанистичко планирање, Фатима Езахра Ел Мансури, за премиерка, со што таа стана првата жена што ја извршува оваа функција во Мароко.

На Ел Мансури, која истовремено ја извршува и функцијата градоначалничка на Маракеш, ѝ е доверена задачата да формира нова влада – процес што се очекува да се одвива во наредните денови.

Нејзината влада ќе треба да управува со инвестиции вредни милијарди долари поврзани со Светското првенство во фудбал во 2030 година, а истовремено и да ги исполни ветувањата за сузбивање на инфлацијата, зголемување на платите и отворање нови работни места, пренесува „Асошиејтед прес“ (AP).

„Би-би-си (BBC)“ забележува дека центристичката партија на Ел Мансури, Партијата за автентичност и модерност (ПАМ), освои најмногу пратенички места на парламентарните избори одржани минатата недела.

Со ова назначување, таа станува втората жена што предводи влада во арапскиот свет – по Наџла Буден во Тунис – иако Би-би-си истакнува дека, иако Мароко е уставна монархија, најголемиот дел од власта останува во рацете на кралот.

На прес-конференцијата по изборната победа – а пред да биде објавено нејзиното назначување за премиерка – Ел Мансури не одговори директно на прашањето дали државата ќе треба да направи измени за да ѝ овозможи присуство на верски церемонии на кои присуствува кралот, како што се петочната молитва и молитвите за Бајрам, за време на кои мажите и жените се молат во одвоени делови од џамијата. Наместо да одговори на тоа прашање, таа го пофали кралот како „најголем поборник за правата на жените“ во Мароко.

Според „Би-би-си“, педесетгодишната Ел Мансури е една од најистакнатите политичарки во Мароко. Таа е правник по образование; студирала на Универзитетот „Мухамед Петти“ во главниот град Рабат, а потоа го продолжила образованието во Франција и САД, каде што се специјализирала за деловно и корпоративно право.

Во политиката влегла по основањето на партијата ПАМ во 2008 година, а во 2009 година станала првата жена градоначалник на Маракеш. На таа функција се вратила по изборите во 2021 година. Во текот на изминатите пет години, таа ја извршуваше функцијата министер за национално планирање, урбанизам, домување и градска политика во владата на поранешниот премиер Азиз Ахануш.

Во февруари 2024 година, таа стана координатор на раководната коалиција на партијата ПАМ (PAM). Ел Мансури ја отфрли етикетата „Железната дама“, изјавувајќи за партиското списание на ПАМ во 2021 година: „Јас не сум ниту жена од челик, ниту од железо… Јас сум слободен активист“.

Во текот на својата политичка кариера, Ел Мансури ретко зборувала јавно за правата на жените или за родовата нееднаквост, и покрај тековните дебати во Мароко за прашања како што се забраната за полигамија и еднаквите права на наследство за мажите и жените.

Според мароканскиот Устав, кралот го именува шефот на владата од партијата што ќе освои најмногу гласови на изборите за Претставничкиот дом. Од февруари 2024 година, партијата ПАМ е предводена од колективно раководство, наместо од еден генерален секретар.

Со 97 пратенички места, на ПАМ ѝ недостига мнозинство и ќе мора да формира коалиција за да ги достигне 198-те места потребни за апсолутно мнозинство во парламентот со 395 пратеници.

Останува нејасно со која партија ќе стапи во партнерство, со оглед на затегнатите односи со Националниот собир на независните (RNI), партијата што ја предводеше владата во заминување, во која ПАМ беше помал партнер.

Исламистичката Партија за правда и развој (PJD) забележа камбек на изборите освојувајќи 54 места – значителен пораст од само 13-те места на претходните избори – поттикната од враќањето на партискиот лидер Абделилах Бенкиране, поранешен премиер.

По гласањето, Бенкиране изјави дека партијата ќе остане во опозиција, исклучувајќи каква било соработка со ПАМ, пренесува „Би-Би-Си“.

ИЗДВОЕНИ