Британска полиција за борба против тероризам: Не се пронајдени експлозивни направи во базата на РАФ Ферфорд
Полицијата соопшти дека при претресот на возилата на лице место е пронајдено одредено количество бензин.
Британската полиција за борба против тероризмот денеска објави дека не се пронајдени импровизирани експлозивни направи за време на истрагата за сомнителни возила паркирани во близина на базата на Кралските воздухопловни сили (РАФ) Ферфорд, која американските сили ја користат за напади врз Иран.
Полицијата соопшти дека при претресот на возилата на лице место е пронајдено одредено количество бензин, пренесува „Скај њуз“. Лоренс Тејлор, националниот координатор за борба против тероризмот во Обединетото Кралство, изјави дека сомнителните возила пронајдени во близина на базата биле „детално прегледани, со поддршка на воени ресурси и форензички експерти“.
„Можеме да потврдиме дека не се пронајдени импровизирани експлозивни направи. Сепак, откриено е одредено количество бензин“, рече Тејлор.
Тој додаде дека безбедноста на јавноста била приоритет при одлуката петтемина мажи, уапсени во врска со случајот, да бидат пуштени на слобода со кауција.
Полицијата наведе дека операцијата била започната „по добивањето на низа информации“, вклучително и повик од граѓанин.
Според извештаите, по претресот на имоти во Лондон поврзани со мажите – кои во меѓувреме се пуштени на слобода – активностите на локациите каде што се спроведуваше истрагата околу РАФ Ферфорд се намалуваат и се очекува целосно да престанат до утре.
Петтемина мажи уапсени во неделата остануваат под истрага откако беа пуштени со кауција, а полицијата наведува дека одлуката за нивно пуштање била донесена како дел од истражниот процес. „Разбирам зошто овој развој на настаните за многумина… …претставуваше изненадување, но сакам повторно да истакнам дека оваа одлука е донесена како дел од истрагата, врз основа на искуство и внимателно разгледување на полициските овластувања“, рече Тејлор.
Американскиот државен секретар Марко Рубио претходно денеска изјави дека еден странски чинител „јасно“ бил вмешан во наводен заговор за извршување бомбашки напад во близина на британската воздухопловна база „РАФ Ферфорд“ во Глостершир.
На 27 септември беше прогласена вонредна состојба во базата „Ферфорд“ во југозападна Англија – која ја користат американските сили – а во близина беа уапсени петмина мажи под сомнение за прекршоци според Законот за експлозиви.
За време на операцијата, жителите на Велфорд, место во близина на базата „Ферфорд“, беа евакуирани во центар за рекреација, пренесува „Танјуг“.












