вторник, јуни 16, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Малолетник ја силувал помалата сестра – над 604 случаи за 6 години

Малолетник ја силувал помалата сестра – над 604 случаи за 6 години

Во Гостивар нов случај на сексуално насилство, системот не успева да ги заштити децата

2783

Изминативе денови, македонската јавност е згрозена од сексуално насилство врз деца, особено врз оние во развој, на 13-14-годишна возраст. Јавното обвинителство објави нов, уште помонструозен чин во Гостивар. Четиринаесетгодишно момче ја силувало една година помладата сестра.

– Тој во февруари 2026 година во два наврати го искористил отсуството на родителите и извршил обљуба врз својата 13-годишна сестра. Малолетниот брат подолг временски период ѝ испраќал пораки со непристојна и експлицитна содржина на жртвата, а во два наврати, против нејзина волја, ја принудил на сексуални односи – информираа од ЈО.

Деновиве, Обвинителството објави дека 68-годишен маж силувал дете на 11 години и дека го снимал блудот. Педесет и осумгодишен маж силувал 13-годишно дете од Скопје, а вработен во училиште го сторил делото врз 14-годишно девојче, кое потоа го уценувал со видеоснимки.

Сексуалната злоупотреба на деца во земјава станува сериозен проблем, но и покрај постоењето законска рамка, институционалниот одговор е недоволно ефикасен и некоординиран, покажува анализата на Народниот правобранител. Стравот, срамот и недовербата во институциите придонесуваат за тоа значителен дел од случаите да останат непријавени, особено кога се сторителите лица од блиското опкружување на детето.

За шест години во Македонија се регистрирани 604 случаи на сексуална злоупотреба на деца, од кои најмалото е на 3-годишна возраст, се вели во извештајот на Народниот правобранител, кој е реализиран како дел од проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“.

Во периодот од 2020 до 2024 година се евидентирани 508 случаи на сексуална злоупотреба на деца, открива анализата. Тоа значи дека, во просек, годишно се евидентираат околу 100 случаи или на секои неколку дена се регистрира нов случај. Само во 2025 година биле регистрирани 96 деца жртви, од кои 88 девојчиња. Вкупно 89,6 % од жртвите се девојчиња, но анализата посочува дека реалниот број на машки жртви е, веројатно, повисок поради непријавување. Над 57 % од жртвите се на возраст од 11 до 15 години, што ја става адолесцентната група како најризична. Истовремено, регистрирани се случаи и кај деца под 10 години, вклучително и под тригодишна возраст.

Според структурата на кривичните дела, најчести се силување дете под 15 години (186 случаи) и полов напад и силување (99 случаи). Многу од жртвите се ромски деца, што укажува на дополнителна ранливост поради социјалната исклученост и ограничениот пристап до заштитни механизми.

– Жртвите често молчат, особено кога е сторителот член на семејството, близок роднина, наставник или доверено лице на детето. Овој молк ги отежнува напорите за навремена идентификација, интервенција и поддршка на децата. Институционалниот одговор, иако постои на хартија, често е фрагментиран, недоволен и неусогласен. Центрите за социјална работа, здравствените установи, полицијата и судските органи функционираат без доволна меѓусекторска координација и со ограничени ресурси. Истовремено, недостигаат задолжителни едукативни програми за препознавање на насилството, обуки за стручните лица штоработат со деца, како и адекватни услуги за психолошка, правна и социјална поддршка, приспособени на потребите на жртвите – заклучува правобранителот во анализата направена од добиените институционални одговори.

Центрите за социјална работа, полицијата, здравствените и образовните институции дејствуваат без доволна координација, а недостигаат и стандардизирани процедури и континуирана обука на кадарот. Особено загрижува фактот што училиштата и ЦСР ретко се јавуваат како иницијатори на пријавите. Во најголем дел од случаите, злоупотребата се открива дури по медицинска интервенција или преку родител, што укажува на слабости во системот на рано препознавање.

– Здравствениот систем, иако има нормативна улога, во практиката не обезбедува доволно координиран и проактивен одговор, поради ограничени ресурси, недефинирана одговорност и недостиг на мултидисциплинарен пристап – заклучува НП.

Начинот на постапување со децата жртви останува една од најкритичните слабости. Децата често се изложени на повеќекратно сослушување, во услови што не се приспособени на нивната возраст и на психолошката состојба, што го зголемува ризикот од секундарна виктимизација. Иако законските одредби предвидуваат ограничување на бројот на сослушувања и користење аудиовизуелни средства, тие не се доследно применети. Во земјава постојат само осум специјализирани простории за сослушување, а, според податоците, само 7 % од децата биле интервјуирани во услови приспособени на нивните потреби.

Дополнително, полицијата се соочува со недостиг на обучен кадар и со отсуство на стандардизирана практика за еднократно интервјуирање, што ја намалува ефикасноста на постапките и ја поткопува довербата во институциите.

(П. А.)

 

 

ИЗДВОЕНИ