На предлог од директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, двајца нови пилоти успешно ја завршија преобуката во Шпанија за дејство со противпожарните авиони „ер трактор“ на ДЗС, со што се стекнаа со сертификат за оспособеност за летање во сите услови за гаснење пожари на отворено. Станува збор за пензионираниот полковник Роберт Малезански и за Горан Блажески.
Со ова, по враќањето на пилотите од Шпанија, ДЗС ќе ја пречека претстојната летна сезона на пожари на отворено со вкупно петмина пилоти што имаат светски признати дозволи да летаат со противпожарни авиони, „ер трактор“ амфибија (што може да полнат вода и од езера).
Oд ДЗС велат дека од нивна страна навремено биле исполнети сите неопходни услови двајцата вработени пилоти во ДЗС, инаку со богата летачка работна биографија, на почетокот од март да бидат испратени на тринеделна преобука во европскиот референтен тренинг-центар за воздухопловна противпожарна борба „Титан“ во Шпанија.












