Францускиот претседател Емануел Макрон денес изјави дека ќе ја напушти политиката откако ќе заврши неговиот втор петгодишен мандат во 2027 година.
„Не бев во политиката претходно и нема да бидам потоа“, рече Макрон на маргините на неформалниот состанок на Европскиот совет во Кипар, објави „Франс 24“.
Тој додаде дека по девет години на власт, најтешко му било да најде рамнотежа помеѓу одбраната на својата досегашна работа и признавањето на она што не успеал да го направи.
Актуелниот француски претседател Емануел Макрон првпат беше избран на таа позиција во 2017 година, кога ја победи Марин Ле Пен во вториот круг од изборите како кандидат за движењето „En Marche!“.
Тој освои втор мандат во 2022 година, исто така победувајќи ја Ле Пен, станувајќи првиот француски претседател за 20 години што освоил последователни мандати.
Пред да влезе во политиката, Макрон работеше како инвестициски банкар во банката Ротшилд, а потоа беше економски советник на претседателот Франсоа Оланд и министер за економија во неговата влада од 2014 до 2016 година.
Неговиот втор претседателски мандат истекува во 2027 година, а според францускиот устав, претседателот не може да служи повеќе од два последователни мандати, што значи дека Макрон нема да може повторно да се кандидира.
Следните претседателски избори во Франција се закажани за пролет 2027 година, кога Франција ќе има нов шеф на државата, пренесе „Танјуг“.












