Песната „Барселона“ е снимена во април 1987 година, а веќе во мај беше претставена пред публиката на островот Ибица. Потоа стана тесно поврзана со Олимписките игри во Барселона во 1992 година, па стана еден од впечатливите музички симболи на градот
На 16 ноември, светски популарната песна „Барселона“ ќе биде дел од настанот „Флоуерс симфони 2“ („Flowers Symphony 2“) во Македонската филхармонија, од 20:00 часот. Тоа што го испеаја на времето легендарните Фреди Меркјури и Монсерат Кабаље, сега ќе го слушаме во интерпретација на моќните гласови на нашите Наде Талеска и Бојан Стојков, во придружба на оркестарот „Дива“, под диригентска палка на Владимир Димовски. Првпат пред скопската публика.
Славната мелодија настана така што Кабаље првично предложи да се сними цел албум. За Фреди, тоа беше остварување на долгогодишна музичка желба, но и нов предизвик: да пее со една оперска пејачка дива на која ѝ се восхитуваше. Нивната соработка се развиваше со заемна почит и со блискост, кои ние и ден-денес ги чувствуваме кога ја слушаме нивната заедничка интерпретација.
„Барселона“ е снимена во април 1987 година, а веќе во мај беше претставена заедно, пред публиката на островот Ибица. Одѕивот на публиката ги охрабри да продолжат со албумот, кој беше објавен во 1988 година. Потоа песната стана тесно поврзана со Олимписките игри во Барселона во 1992 година, па стана еден од впечатливите музички симболи на градот.
И денес привлечноста на овој дует е во начинот на кој се надополнуваат два различни гласа. Во нив има и театралност, и нежност, и силни заеднички делови. Доволно простор изведувачите да внесат нешто свое, дури и во песна што публиката толку добро ја познава. Иако го знаеме Фреди по настапите со групата „Квин“, како и по сценската атракција (најчесто гол, без маица или кошула на себе), оваа песна има особено место во неговиот музички опус. Во едно телевизиско интервју во 1986 година, тој зборуваше за гласот на шпанската сопранистка и за желбата да ја запознае. Неговите зборови стигнаа до неа и во март 1987 година двајцата, конечно, се сретнаа во Барселона, поради песната „Барселона“.
Воедно, оваа песна, на овој скопски настан, ќе биде и дел од вечерта посветена на познати италијански класици, филмски теми и композиции, меѓу кои и музиката на Енио Мориконе и на Ханс Цимер, со оркестар, хор и со солисти на сцената.
(Д. М.)












