Наум Петрески, златното грло на македонската народна песна, кој е во долгогодишен брак со пејачката Зуица Лазова, деновиве честопати и дома си констатира: „А ти, а јас“. Да нема забуна, нивниот брак совршено функционира, а ова е само провокативниот наслов на новата негова песна, со сите примеси да стане хит.
Комплетен автор на композицијата е професор Марјан Јанкоски, кој ги потпишува музиката, текстот и аранжманот.
Песната е снимена со големиот студиски оркестар на „Кларион мјузик продакшн“, составен од 15-мина професионални музичари, во целосно акустична изведба. Севкупното снимање, музичката продукција, миксот и мастерингот се реализирани во „Кларион студио“ во Скопје, под продуцентско водство на Дејан Ангелевски.
Ова музичко издание претставува поинаков продукциски и аранжмански пристап во однос на акустичниот албум на Наум Петрески, кој во моментов се наоѓа во завршна фаза на реализација во тоа студио. За разлика од тамбурашкиот призвук што го карактеризира албумот што се крчка, новата песна „А ти, а јас“ има оркестарски звук. Има и поширока инструментална формација, со што дава поинаква музичка атмосфера, притоа задржувајќи ги автентичноста на акустичната изведба и препознатливата моќна интерпретација на Наум Петрески.












