недела, јуни 7, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Македонските државјани со чартер-летови се извлекуваат од Блискиот Исток, планот е до...

Македонските државјани со чартер-летови се извлекуваат од Блискиот Исток, планот е до среда сите да се дома

82

Eвакуацијата на македонските државјани од земјите од Блискиот Исток, која ќе се реализира со комерцијални чартер-летови, започна денеска. Како што најави премиерот Христијан Мицкоски, првата група македонски граѓани, во текот на денешниот ден треба да допатува од Дубаи во Скопје. Тој појасни дека се организирани чартер летови од Саудиска Арабија, кои ќе ги прифатат македонските граѓани присутни во Катар и Кувајт. Очекувањата, како што рече, се дека овие патници ќе летаат во среда.

-Деновиве се организирани вкупно четири чартер летови, со неколку десетици слободни места. Дел од државите во регионот замолија и нивни граѓани да пренесеме, односно да ги донесеме во Македонија, рече Мицкоски и посочи дека тоа е пример за разликата помеѓу претходната и сегашната влада, додавајќи дека Македонија денеска е фактор на стабилност во регионот и помага на други држави, за разлика од минатото.

-Од некогаш слабата Влада во Македонија која коленичеше за да добие 5.000 вакцини, денеска сме фактор на стабилност и помагаме на државите во регионот. Тоа е разликата меѓу тие од СДСМ и ДУИ и оваа Влада која што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, рече Мицкоски.

Како што претходно соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, склучиле договор со авиокомпанија, согласно Законот за јавни набавки, по спроведена соодветна постапка. Согласно утврдениот план и предвидената динамика, се очекува до средината на неделава да бидат евакуирани сите македонски државјани кои изразиле подготвеност за враќање.

Процесот е целосно координиран од Министерството и дипломатско-конзуларните претставништва во регионот. Завршувањето на постапката за јавна набавка претставува потврда за навременото и одговорно постапување во насока на заштита и грижа за македонските граѓани.

Според последните податоци, Амбасадата во Доха ја контактирале 150 македонски државјани, од кои 95 изразиле подготвеност за евакуација. Амбасадата во Абу Даби ја контактирале вкупно 585 лица кои престојуваат во Обединетите Арапски Емирати, како и 36 лица од Кувајт, 15 од Бахреин и 5 од Кралството Саудиска Арабија.

Министерството, како што е наведено во соопштението, уште еднаш ги повикува сите македонски државјани кои сè уште не стапиле во контакт со надлежните дипломатско-конзуларни претставништва, а имаат потреба од евакуација или асистенција, тоа да го сторат во најкраток можен рок преку дежурните телефонски броеви на ДКП-ата или преку СОС-бројот на Министерството.

Техничките и организациските детали околу реализацијата на летовите се  утврдуваат во координација со економскиот оператор, за што граѓаните навремено се информираат.

Министерството останува во постојана комуникација со граѓаните и во координација со надлежните институции, со приоритетна цел – нивно безбедно и навремено враќање.

ИЗДВОЕНИ