По објавата на текстот за прошталниот концерт на легендарната Тереза (кој ќе се случи во Сплит на 3.мај.2026 г.) и во весникот ВЕЧЕР и на порталот vecer.press тргна голема невидена лавина од позитивни реакции. Не само ширум поранешната Југославија во која Тереза со децении беше прва дама на забавната музика, туку сето тоа стаса и до огромен број Француски фанови на Тереза.
И тоа најмногу благодарејќи ѝ на госпоѓата-Французинката Maryse Duilhé. Во таа држава оваа распеана дубровчанка имаше голема популарност, со многу слушани песни и со успешни концерти во прочуената париска “Олимпија“. Реакциите на Французите се фантастични со единствената желба повторно да читаат текстови напишани за нивната миленичка Тереза, а испратени, секако од Македонија, од тиражниот ВЕЧЕР.
Бидејќи и кај нас, во Македонија, Тереза беше голема естрадна ѕвезда. Има испеано песни и на македонски јазик. Останува да го памтиме и оној нејзин успешен настап на еден од “Скопските фестивали“ кога сите мошне пријатно ги израдува со хитот “Охрид и јас“ за кој музиката ја напиша славниот Александар Џамбазов. (Д.М.)












