петок, ноември 6, 2026
Дома МАГАЗИН Македонскиот рапер Јанг Дади со духовит спот за новата песна „Поранешна Југославија“

Македонскиот рапер Јанг Дади со духовит спот за новата песна „Поранешна Југославија“

306

На неколку дена пред својот роденден! Со интересен хумор и со многу рокенрол, песната „Поранешна Југославија“ потсетува дека некои музички времиња никогаш навистина не излегуваат од мода, дури и кога автомобилите од типот на „лада“ одбиваат да запалат, па се оди на туркање по скопските улици

Давид Данилоски, македонскиот рапер, пејач и текстописец попознат со прекарот Јанг Дади, кој веќе има зад себе успешен настап на новосадскиот фестивал „Егзит“, деновиве повторно ја разбранува музичката сцена. На неколку дена пред својот роденден (12 ноември), тој објави нова песна и нов видеозапис. Станува збор за песна со интересен наслов „Поранешна Југославија“, направена заедно со Андреј Ник. Со неа, тој нè враќа во тоа минато време, кога се живееше сосема порелаксирано, а другарството и љубовта без интерес беа најпочитуваните работи.Сепак, се поставува прашањето што сè е подготвен да направи еден скопски „парти-манијак“ за да освои девојка што повеќе верува во југословенскиот рокенрол отколку во неговите денешни љубовни тактики. Се случува духовит судир меѓу современиот стил на Дади и југословенскиот ретро изглед. Во спотот ја гледаме старата руска „лада“, потоа старата архитектурата, но и оние препознатливи скопски улици, полни со стари градби што потсетуваат на социјалистичкото време. Со интересен хумор и со многу рокенрол, песната „Поранешна Југославија“ потсетува дека некои музички времиња никогаш навистина не излегуваат од мода, дури и кога автомобилите од тоа време одбиваат да запалат, па се оди на туркање. По оваа нова песна, Јанг Дади го очекува големиот новогодишен концерт на 30 декември, ден пред најлудата ноќ, во „Т-арена“, во организација на „Авалон продукција“, додека видеоспотот е реализиран во продукцијата на „Такат студио“.

Во спотот, за да ја освои девојката, Дади прави промена на имиџот, со перики, панталони, кожени јакни… Во оваа музичка приказна му се придружува популарниот рокер и легендарен гитарист од рок-составот „Дивље јагоде“, Зеле Липовача. Тука е и девојката Кики, лик што го толкува добро познатата Катарина Ивановска. Таа е умна, самоуверена и културна, со особена фасцинација од поранешната држава Југославија.Наспроти неа е Дади, човек од современиот скопски ноќен живот, кој брзо сфаќа дека нема да биде доволен неговиот вообичаен шарм за да ја освои. За да ја освои, ќе мора да го напушти сопствениот стил и да се претвори во класичен југословенски рокер, со сериозни амбиции да наликува на легендарниот Зеле Липовача. Во меѓувреме, Дади се соочува со предизвиците на новиот рокерски идентитет – од совладување на старата „лада“, која не знае ни да ја запали, а не па да ја вози. Затоа ја турка по скопските улици, при што умната Кики мора да ја преземе работата во свои раце. Со среќен крај.

(Д. М.) фото: архива

ИЗДВОЕНИ