Овој 5 декември, Скопје, очигледно, ќе доживее музички земјотрес, музичка екстаза. Со контроверзната сплитска еротизирана пејачка Северина. Таа ќе одржи голем концерт во Т-арената „Борис Трајковски“ во Скопје, во организација на „Прагма продукција“. Покрај новиот музички материјал, таа ќе ги испее и своите најголеми хитови, од „Мала је дала“ до „Тарапана“ и „Моја штикла“. Меѓу тие нови е песната „Нисам крива ја“, која е мошне интересна, а, всушност, е составена од три песни, кои заедно создаваат една емотивна музичка целина. Тоа е поп-рок балада низ која пејачката зборува за љубовта, разочарувањата и за емоционалните лузни што ги носи секој од нас во себе. За песната Северина вели дека е искрена до „даска“, но животните искуства ја научиле дека понекогаш мора да се заштити срцето, дури и тогаш кога најмногу сака повторно да се отвори.
– Како што велам во песната, не, не сум виновна јас за сите прашања. Ова е емотивна поп-рок песна. Мајка ми ми шиеше фустан за на суд, но, за среќа, повеќе немам судење со поранешниот, па сега луѓето вака нека го видат фустанот, на концерт – изјави Северина на својот препознатлив духовит начин.
Видеоспотот е во режија на Петар Пашиќ, кој неколку пати успешно соработуваше со пејачката. Музиката ја компонираше Бојан Васиќ, а текстот е дело на Данијел Павловиќ. Аранжманот го потпишува Иван Попескиќ, додека за вокалната продукција е заслужен Бранимир Михаљевиќ.












