Италија наскоро би можела да воведе казни во висина до 160 евра за возачите кои се движат премногу бавно на одредени делници од патиштата, објавија медиумите во петокот. Оваа мерка, чија цел е подобрување на протокот на сообраќајот, првично се однесува на автопатишта со вкупно шест ленти и се очекува наскоро да стапи на сила, според италијанскиот правен портал „Брокарди“ и швајцарскиот портал „Блу њуз“.
За крајната лева лента на делници со најмалку три ленти во секоја насока се предлага минимална брзина од 100 километри на час, пренесува новинската агенција ДПА.
Предвидени се исклучоци за случаите кога сообраќајните знаци наложуваат поинаква брзина или кога околностите бараат побавно возење – на пример, при густа магла, пороен дожд, сообраќајни несреќи, градежни работи на патот или сообраќаен метеж.
Одредбата за парични казни во износ од 40 до 160 евра е дел од нацрт-законот за безбедност во сообраќајот, кој италијанската влада го одобри во октомври и го достави до парламентот, каде што во моментов се чека на финалниот текст.
Секоја година, милиони туристи патуваат по италијанските автопатишта. Според податоците на Италијанскиот институт за заштита на животната средина и истражување (ISPRA), пред две години, приближно 40,7 милиони странски посетители пристигнале со автомобил, што претставува речиси 46 отсто од сите меѓународни доаѓања.












