Во „Синема галери“ во Брисел, „Диџеј Ахмет“ ја имаше својата европска премиера, настан што го привлече вниманието на претставници на европските институции, дипломати и филмски професионалци и ги воодушеви љубителите на седмата уметност. По оваа проекција, верувам дека сите ќе почувствуваме колку филмот може истовремено да биде длабоко локален по својата приказна, а сепак универзален по емоцијата и пораката што ја носи, истакна министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, пред почетокот на проекцијата

 

Македонскиот игран филм „Диџеј Ахмет“, режисерското деби на Георги Унковски, вчеравечер, во „Синема галери“ во Брисел, ја имаше својата европската премиера, настан што го привлече вниманието на претставници на европските институции, дипломати и филмски професионалци и ги воодушеви љубителите на седмата уметност.

– Чест ми е што вечерва, овде, во срцето на Европа, во Брисел, го одбележуваме  премиерното прикажување на македонскиот игран филм „Диџеј Ахмет“.Tој посочи дека прикажувањето на македонски филм во срцето на Европа претставува значаен успех и силна потврда за квалитетот на македонската кинематографија. Филмот, додаде тој, претставува уметничко остварување што достоинствено ја претставува државата на европската сцена и е доказ за зрелоста, креативната храброст и за меѓународниот потенцијал на македонската кинематографија.

Инаку, во филмот е прикажан Ахмет, 15-годишно момче од јуручко село во Македонија, кој наоѓа засолниште во музиката истовремено справувајќи се со очекувањата на својот татко, конзервативната заедница во која живее и првото љубовно искуство — девојка веќе ветена на друг…

Филмот, кој е на турски и на македонски јазик, се снимал во октомври и ноември 2024 година (вкупно 36 дена) во радовишките јуручки села Коџалија и Али Коч, како и во Скопје. Станува збор за копродукција реализирана со поддршка на Агенција за филм на Македонија, Српскиот филмски центар, Хрватскиот аудиовизуелен центар, Чешкиот аудиовизуелен фонд и Еуроимаж. Својата премиера ја имал на „Санденс“, на 23 јануари лани, каде што освои две награди – од публиката во програмата Светски филм и Специјалната награда на жирито за креативна визија. Во февруари 2025 година било објавено дека агенцијата „Филмс бутик“ ги продала правата за дистрибуција на филмот во повеќе земји како што се Австралија и Нов Зеланд, Бенелукс, Канада, Шпанија, Израел, Португалија и во земјите од поранешна Југославија.

Според министерот Љутков, кој упати искрени пофалби до авторскиот и до продуцентскиот тим, филмот е резултат и на силна меѓународна соработка и доверба меѓу партнерски институции. Тоа е потврда дека кога се работи заеднички, може да се создаде вредност што ги надминува границите и говори на јазик разбирлив за сите.

– Ова не е само уметничко дело, туку резултат на соработка, доверба и заедничка визија. Копродукциските проекти се одлична можност нашите автори и продуценти да станат дел од поширока европска мрежа, да добијат пристап до нови пазари и нова публика и на тој начин малите кинематографии да бидат рамноправен и видлив дел од европскиот аудиовизуелен простор. Ова партнерство е вистински пример како различни национални фондови и европски механизми можат заеднички да создадат филм што ги надминува границите и говори на јазик разбирлив за сите. Токму во тоа се крие силата на европската кинематографија, кажа, меѓу другото, министерот Љутков.

По проекцијата, се одржа панел-дискусија посветена на улогата и на значењето на копродукциите во европскиот аудиовизуелен сектор, што е уште една потврда за активното присуство на македонската култура на европската сцена и за континуираната заложба за продлабочување на соработката со европските партнери.

– Соработката меѓу Македонија и Европска Унија дополнително се продлабочува и преку културата. Особено сме горди што Скопје ќе ја носи титулата Европска престолнина на културата во 2028 година, признание што претставува силен поттик за нови партнерства, за уште поголема мобилност на уметниците и за засилено европско културно присуство во нашиот регион, додаде Љутков. (Д. Т.)

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ